Лопетеги добива отказ по Дортмунд, Севилја веќе го договори неговиот наследник

Трпението на раководството на Севилја за тренерот Лопетеги по слабиот старт на сезоната дефинитивно истече, па поранешниот шпански селектор ќе добие отказ по дуелот од ЛШ со Борусија Дортмунд, меч што ќе биде последен за Лопетеги на клупата на клубот од Андалузија. Веќе е договорено и кој ќе биде нов тренер на Севилја – довербата ја доби поранешниот аргентински селектор Жорге Сампаоли, кој неделава ќе пристигне во Шпанија и ќе го води тимот на саботниот дуел со Атлетик Билбао.

Првите разговори меѓу Севилја и Сампаоли се случија пред повеќе од еден месеци, управата на клубот сепак реши да му даде нова шанса на Лопетеги, што се покажа како погрешен потег. Формата на тимот се движеше во надолна линија, по што разделбата стана неизбежна, а по интензивните преговори со Сампаоли беше постигнат договор за соработка до јуни 2024 година. Ова ќе претставува камбек на Сампаоли на клупата на Севилја, ако се знае дека овој стратег во водеше тимот во сезоната 2016/17, кога успеа да ја прекине серијата од 40 меча без пораз на Реал Мадрид предводен од Зинедин Зидан.

Жорге Сампаоли тогаш ја напушти Севилја за да стане селектор на Аргентина, потоа мина извесно време и на клупата на Олимпик Марсеј, за сега да се врати назад на „Санчез Пизхуан“.

Што се однесува до Лопетеги, се очекува шпанскиот стратег експресно да си најде нов ангажман ако се знае дека се во завршна фаза преговорите за негова преселба на клупата на премиерлигашот Вулверхемптон.

Се вчитува...