Лоша вест: Надал го пропушта и Ролан Гарос

Рафаел Надал повторно ќе ги разочара своите фанови откако шпанскиот тенисер не успеа да ја добие трката со времето, па е принуден да го откаже настапот на Ролан Гарос, гранслем турнирот на кој веќе има освоено 14 титули.

Шпанецот веќе подолго време е надвор од терените, но фокусот го имаше поставено токму на настап на гранслем турнирот во Париз. Тој во меѓувреме откажа неколку мастерс-турнири на земјена подлога, стана јасно дека проблемот е далеку од целосно надминат, а откако и во изминатата седмица тренираше со намален инзитет стана јасно дека нема да може да се рехабилитира навреме за стартот на Ролан Гарос, кој официјално ќе почне на 28 мај.

Надал закажа прес-конференција за утре со почеток во 16 часот, но неколку шпански специјализирани тениски новинари веќе обелоденија дека тоа ќе биде искористено за тој официјално да го откаже настапот на омилениот гранслем турнир.

Рафаел Надал е повреден уште од 18 јануари, во второто коло од Австралија Опен, првичните прогнози велеа дека паузата ќе изнесува максимум два месеци, но состојбата му се искомпликува, па се уште е неизвесно кога шпанскиот ас ќе може да се врати на тениските турнири.

Се вчитува...