Лоша вест за Ангеловски и можната преселба во Џенова

Игор Ангеловски викендов беше споменуван како еден од кандидатите за нов тренер на Џенова, како опција за предводник на италијанскиот прволигаш што би го убедил и Горан Пандев да продолжи да игра уште една година во дресот на овој клуб. Сепак, според последните информации тоа нема да се случи бидејќи Давиде Балардини ќе остане да ја води Џенова и на стартот од новата сезона.

Балардини заврши одлична работа во вториот дел од сезонава, успевајќи да ја спаси Џенова од испаѓање уште на неколку кола пред крајот, па сега очекува да остане на клупата и во текот на летово.

„Претседателот Пречиози е тој што решава за тренерското прашање. Сепак, од она што го знам, јас ќе останам и за наредната сезона. Ова беше тешка сезона во која успеавме да излеземе како победници“, изјави Балардини.

Италијанските медиуми најавуваат дека Балардини во текот на оваа седмица ќе се сретне со Пречиози, по што првиот човек на Џенова ќе потврди дека летово нема да има тренерска смена во Џенова.

Се вчитува...