ЛШ: Нов час по ракомет на феноменалниот Гидсел

Матијас Гидсел одигра уште еден меч за паметење откако данскиот „бомбардер“ го предводеше Фухсе Берлин до голем триумф на гостувањето против Спортинг Лисабон, со минимални 37-38. Португалците се покажаа како крајно незгодни ривали за бундеслигашот, но пресуди класата на Гидсел, кој го заврши мечот со фантастични 12 погодоци во Лисабон. Гидсел и Андерсен со головите во последните 90 секунди ја донесоа победата на германскиот клуб, пред Спортинг во самиот финиш да ублажи до конечните 37-38 преку Мартим Коста.

Супер-драматично беше во Киелце, каде домаќините буквално во последната секунда останаа без победата на дуелот со Алборг. Киелце беше на чекор до триумф, но Јул-Ласе беше херојот на Данците, постигнувајќи го израмнувачкиот гол за конечни 32-32.

Алекс Душебајев со седум и Сичко со шест погодоци беа најефикасни во таборот на Киелце, додека прв стрелец на Алборг беше Кнор со седум гола.

Нант ја оправда фаворитската улога против Динамо Букурешт триумфирајќи со 35-28, меч во кој најефикасен во победничкиот состав беше Леополд со девет погодоци.

Барселона во второто полувреме го скрши отпорот на Висла, совладувајќи го полскиот тим со резултат 30-24, откако по првите 30 минути резултатот беше израмнет (12-12). Гомез Абелјо ги предводеше стрелците со девет гола, пет за Барса постигна Нгесанн, додека најефикасен кај Висла беше Мелвин Ричардсон, постигнувајќи пет гола против својот поранешен клуб.

Се вчитува...