ЛШ: Вардар по двата порази – од прво падна на четврто место

Вардар долго време беше лидер во својата група, но двата порази од Барселона во последните две кола придонесоа да дојде до голем пад, па „црвено-црните“ моментно се наоѓаат на четвртото место на табелата. Среќна околност е што барем до крајот на групната фаза нема да се сретнат со најсилниот тим во групата, но јасно е дека следните две кола, гостувањето на жешкиот терен на Брест Мешков и домашниот меч со Кјелце, ќе бидат пресудни во обидот да се стигне барем до втората позиција што ќе донесе и полесен ривал во осминафиналето.

Изненадувачки резулати беа забележани денеска во групата Б, па покрај поразот на домашен терен на Нант од Мотор, беше прекината и победничката серија пред своите гледачи на Пик Сегед, откако унгарскиот шампион ремизираше 33-33 против Скјерн. Скандинавскиот состав изненади со тактиката „седум на шест“ со која им создаде огромни проблеми на унгарските ракометари. Пик Сегед се врати од „минус пет“ во второто полувреме, имаше и напад за победа, но голот на Македа оправдано беше поништен бидејќи поранешниот „вардарец“ за една секунда задоцни со шутот.

ГРУПА А: Веспрем – Кристијанштад 36-27, Барселона – Вардар 34-26, Монпелје – Рајн Некар-Левен 31-26, Кјелце – Брест Мешков 34-31.

Табела: Барселона 14, Кјелце 12, Рајн Некар-Левен 10, Вардар 10, Веспрем 8, Брест Мешков 4, Монпелје 3, Кристијанштад 3.

ГРУПА Б: Нант – Мотор 23-27, Фленсбург – ПСЖ 20-27, Целје – Загреб 30-21, Пик Сегед – Скјерн 33-33.

Табела: ПСЖ 16, Пик Сегед 13, Нант 7, Фленсбург 6, Скјерн 6, Целје 6, Мотор 5, Загреб 5.

Се вчитува...