Луди приказни од Мундијалот – Селектор што ја тепал швалерката, момчето на Памела што метело улици…

Претстојното Светско фудбалско првенство во Русија е спортски настан број еден летово. Во фокусот на јавноста се големите ѕвезди како Роналдо, Меси и Нејмар, но вниманието го привлекуваат и некои имиња кои фудбалски се во сенка на големите, но се издвојуваат по својот карактер и бурните моменти од приватниот живот.

1.М’Бае Нианг (Сенегал)

Фудбалерот на Милан на позајмица во Торино е познат по брзината, но не на терен, туку зад воланот. Сенегалскиот фудбалер често е на насловните страници во италијанските медиуми поради инцидентите „на четири тркала“. Пред четири години Нианг едвај се спаси  кога со своето Ферари удри во дрво, а во инцидентот беа повредени 11 лица. Не мируваше ни после тоа. Во 2016 година беше суспендиран откако предизвика уште една сообраќајна несреќа. Поради својот немирен дух и непромисленост, истата година издржуваше уште една казна. Милан го казни затоа што веднаш по повредата, Сенегалецот се снимаше како скока во базен од кровот на својата куќа. Нианг поради инцидентите, често беше под суспензија и додека настапуваше за младинската репрезентација на Франција. Подоцна тој се определи за репрезентацијата на Сенегал.

2.Адил Рами (Франција)

Фудбалерот на Марсеј го живее сонот на многу мажи ширум светот – негова девојка е познатата актерка Памела Андерсон. Иако неговите настапи во клубот се проретчија поради повредите, Рами е постојано присутен во медиумите поради својата љубовна врска со холивудската ѕвезда која е 18 години повозрасна од него. Адил Рами и Памела Андерсон се запознале во 2017 година во Монако и веќе извесно време живеат заедно.

Освен поради врската со Памела Андерсон, Рами е интересна фудбалска појави и поради фактот дека своевремено, пред да почне професионално да се занимава со фудбал, работел како чистач на улици во родниот град Фрејус на францускиот брег.

3.Рафаел Маркез (Мексико)

Најдолговечниот член на репрезентацијата на Мексико, во Русија ќе го игра својот петти Мундијал. Рафаел Маркез е легенда во националниот тим, но за порашениот фудбалер на Барселона неодамна се пишуваше и поради неговата вмешаност во нарко-бизнисот. Американците го означија Маркез како една од алките во организирана група за шверц на кокаин, поради што Мексиканецот сега тренира во опрема без логото на спонзорите, американските компании „Кока-кола“ и „Ситибанк“, кои на тој начин се дистанцираа од искусниот фудбалер, се додека не се утврди дали имал своја улога во нарко-трговијата. И додека Маркез си има проблем со дрогата, неговите соиграчи пред стартот на Мундијалот беа тема во светските медиуми порадии оргиите со 30 проститутки само неколку часа после подготвителниот натпревар со Шкотска.

4.Роман Торес (Панама)

Јунакот на Панама, Роман Торес (32) за себе вели дека се чувствува како филмска ѕвезда после решавачкиот гол против Костарика во финалното коло од квалификациите, што ја однесе Панама на Мундијалот во Русија. Препознатлив по својата уникатна фризура, главата на Торес се наоѓа буквално на секаде низ Панама, на билбордите, на автобуските постојки, на кредитни картички…Моментот на одлука против Костарика, фудбалерот го овековечи со тетоважа. А, за неговата креативност и надвор од теренот сведочи и неговата модна линија со препознатливиот лик.

5.Есам Ел Хадари (Египет)

Пред 22 години дебитираше за својата репрезентација, а на СП во Русија ќе биде најстар учесник во историјата на Мундијалите со полни 45 години. Неговиот татко кој се занимава со изработка на мебел, не сакал ни да чуе неговиот син да се занимава со фудбал и цел живот да трча по топката, па уште од старт му поставил цел или со него да го изучува занаетот или да оди на школување. Но, Есам имал други планови. Љубовта кон спортот била посилна од замислата на родителите. Долго време криел дека игра фудбал и за да не го откријат, извалканите работи пред да дојде дома ги перел во реката. Ел Хадари е познат и по тоа што головите и успесите ги слави качен на пречката.

6.Ханес Халдорсон (Исланд)

Голманот на репрезентацијата на Исланд, Ханес Халдорсон (34) е преокупира со филмот и со камерата која е негова втора пасија после фудбалот. И ако некој некогаш направи филм за исландското фудбалско чудо, тоа сигурно ќе биде нивниот голман. Малку е познато дека токму Халдорсон е одговорен за спотот на песната што го претставуваше Исланд на Евровизија во 2012 година. Халдорсон инаку, брани за данскиот Рандерс и професионланите обврски не му дозволуваат повеќе да и се посвети на камерата, но тоа дефинитивно ќе биде негова професија по заминувањето во фудбалска пензија.

7.Паоло Гереро (Перу)

Гереро е жива легенда на перуанскиот фудбал, најдобар стрелец во историјата на оваа земја, за кого до пред неколку дена не се занеше дали воопшто ќе игра на Мундијалот поради позитивниот наод на кокаин во квалификациите. Сепак, ФИФА, со голема заложба на бројни фудбалски ѕвезди од цел свет, му ја укина забраната и Гереро сепак ќе го предводи Перу на СП во Русија. Интересен момент од животот на овој фудбалер е неговиот страв од летање кој датира од времето кога неговиот вујко, поранешен фудбалер, загинал во авионска несреќа на екипата Алиан од Лима во 1987 година.

8.Мичи Батшуаи (Белгија)

Фудбалерот на Борусија важи за еден од најголемите шегаџии меѓу фудбалерите, барем таков впечаток се добива според неговите објави на социјалните мрежи на кои има бројни следбеници. Белгискиот репрезентативец често може да се види во необични пози, смешна облека со досетливи коментари што го направија многу популарен меѓу фудбалските следбеници. Негов омилен лик е Сунѓерот Боб, па една од најпознатите фотографии во неговиот арсенал е онаа во која фудбалерот е облечен во комплет опрема како омилениот лик од цртаните филмови.

9.Владимир Стојковиќ (Србија)

Голамнот на репрезентацијата на Србија, Владимир Стојковиќ, се најде на оваа необична листа поради своето бурно минато. Највпечатлив момент е неговиот трансфер од лисабонски Спортинг во Партизан и „предавството“ на Црвена Звезда што предизвика многу непријатни моменти за фудбалерот, постојани закани, но и вербални и физички напади од навивачите. Најопасен беше инцидентот во Џенова пред квалификацискиот натпревар со Италија.

10.Ернан Дарио Гомез (Панама)

Селекторот на Панама, Ернан Дарио Гомез, е интересен лик со бурни моменти во животот. Пред да ја преземе репрезентацијата на Панама, извесен перод ја предводеше Колумбија, земјата во која е роден. Но, во периодот меѓу 2010 и 2011 година таму многу му се искомпликува животот, по што на крај заврши како насилник. Имено, во тоа време, селекторот бил оженет, но имал и љубовница, а неговата љубовна афера на крај завршува неславно. Во една расправија Гомез ја претепал љубовницата и поради тоа завршува неговата кариера, и во репрезентацијата и кај неговата сопруга. Неговиот бурен живот има уште една неславна епизода. Пред десет години, во времето додека беше селектор на Еквадор, тој е погоден со куршум во ногата од непознат сторител. Но овој инцидент многумина го поврзуваат со неговата изјава во која еквадорскиот претседател кого го нарекол „дебелко“.

11.Оскар Вашингтон Табарез (Уругвај)

Селекторот на Уругвај на некој начин е најголем херој на Мундијалот, уште пред неговиот почеток. Оскар Вашингтон Табарез е најдолговечниот селектор што ќе биде на клупата на СП во Русија, со вкупно 14 години селекторски стаж во репрезентацијата на Уругвај која во континуитет ја предводи од 2006 година и претходно во периодот од 1988 до 1990.Табарез боледува од ретка болест (Гулен-Беров синдром) која го напаѓа нервниот систем. Иако многумина го отпишаа за било каква работа, Табарез ги победи сите песимистички прогнози и храбро продолжи да го води националниот тим. Поради својата болест, селекторот на Уругвај понекогаш тренинзите ги води во моторизирана инвалидска количка или со помошни штаки. Но, 71-годишниот Табарез и покрај овие пречки, успешно ја завршува работата и со Уругвај обезбеди настап на Мундијалот.

Се вчитува...