„Лудило“ на мечот Лејкерс – Бостон: Рондо со звукот на сирената за победа на „езерџиите“… (ВИДЕО)

ЛА Лејкерс славеа на гостински терен против Бостон со 128-129 во мечот на вечерта во НБА лигата.

Дуелот меѓу најголемите ривали во НБА лигата донесе огромно возбудување, а победникот беше решен во последната секунда. Брендон Играм беше изблокиран, топката дојде до поранешниот кошаркар на Бостон, Раџон Рондо кој со звукот на сирената погоди за триумф на „езерџиите“.

Брилјираше синоќа Леброн Џејмс со „трипл-дабл“ од 28 поени, 12 скока и 12 асистенции, а одличен беше и Кајл Кузма со 25 поени. Херојот Рондо заврши со 17 поени, 10 асистенции и седум скока. Кај Бостон, Кајри Ирвинг мечот го заврши со 24 поени.

Босанскиот кошаркар Јусуф Нуркиќ одигра одлична партија во победата на Портланд над Сан Антонио од 127-118. Нуркиќ за 33 минути на паркетот имаше ефект од 22 поени (9/15) дополнети со шест асистенции, три скока и две блокади.

Во останатите натпревари од синоќа, Индијана убедливо славеше против ЛА Клиперс со 116-92, Орландо ја победи Минесота со 122-112, Торонто на гостински терен триумфираше против Атланта (101-119), Оклахома беше подобра од Мемфис (117-95) и Портланд го победи Сан Антонио со 127-118.

Се вчитува...