Тргнува новата НБА сезона. 74-то издание на најсилната кошаркарска конкуренција во светот почнува ноќеска. Веројатно ова ќе биде најнеизвесната сезона во последните петнаесетина години. Првпат по долго време нема изразит фаворит, а во најтесниот круг за освојување на трофејот се неколку екипи. Лудо лето во кое поголемиот дел од големите „ѕвезди“ ја променија средината, не доведува до заклучок дека годинава мораме да го очекуваме, неочекуваното.
ЗАПАДНА КОНФЕРЕНЦИЈА:
ЛА КЛИПЕРС
Кавај Ленард го презеде приматот на Леброн Џејмс и Стеф Кари како најголема „ѕвезда“ во САД. По сензационалното освојување на титулата минатата сезона со Торонто и преземањето на приматот „Уништувач на империи“, Ленард се врати во родниот ЛА каде како предизвик со „Клиперс“ ќе има да ги потчини далеку попознатите „Лејкерс“. Како помош за Ленард, ќе биде и Пол Џорџ кој минатата сезона во дресот на Оклахома се до повредата имаше феноменални бројки кои го ставаа во игра и за признанието за најкорисен кошаркар во регуларниот дел од сезоната. На клупата ќе го имаат искусниот Док Риверс, кој минатата година без ниту еден „суперстар“ успеа да го одведе клубот во плеј-офот и да добие два натпревари против Голден Стејт.
ЛА ЛЕЈКЕРС
Битката на Западот ќе мора да биде меѓу двата тима од „градот на ангелите“. „Лејкерс“ по долги години и ерата на Коби во градот негде на крајот на минатата декада, конечно има тим кој може да атакува на највисок пласман. Минатата година во ЛА пристигна Леброн Џејмс, а годинава буквално цела иднина беше дадена во Њу Орлеанс, како би се довел Ентони Дејвис во мисија на освојување на уште еден до два прстени за „кралот“. Дејвис ќе има голем притисок над својот грб, бидејќи мора да ги оправда очекувањата кои ги носат светлата на „Стејплс центарот“. Дејвис ќе мора да покаже игри како легендарните Чембрлејн, Џабар, О’Нил, а се освен прстен во Калифорнија се смета како неуспех.
ГОЛДЕН СТЕЈТ ВОРИОРС
Веројатно поразот минатата година во финалето од Торонто, значеше и крај на династијата која пет години по ред стигаше до финалето, а на трипати и до титулата во НБА. Сепак, тим во кој се Стеф Кари, Клеј Томпсон (кој сепак поради повреда ќе го пропушти регуларниот дел од сезоната) и Дрејмонд Грин никогаш не смее да се отпише. Покажаа дека и покрај сите проблеми шампионските менталитет никогаш го немаат изгубено. На клупата е еден од најдобрите тренери во историјата на оваа игра Стив Кер, а иако го загубија Кевин Дурант, тука е Дианџело Расел кој треба да го потполни искуството на Клеј Томпсон. Многумина аналитичари ги ставаат надвор и од плеј-офот во силната Западна конеференција, но сепак „Вориорс“ се тим кој сезонава може да биде големо изненадување, бидејќи за првпат по долги години не чувствуваат никаков притисок.
ХЈУСТОН РОКЕТС
Веројатно клубот кој беше најголем губитник минатите сезони во НБА. Неколку години по ред беше исфрлуван од Голден Стејт во тесни серии во кои сепак на крајот пресудуваше „шампионскиот менталитет“. Лошиот однос меѓу Харден и Пол веројатно беше клучен за поразите, па затоа раководството се одлучи да го испрати искусниот плеј во Оклахома, во замена за Весбрук кој треба да донесе токму тоа што му недостигаше на клубот минатите сезони. Весбрук е веројатно еден од најомилените кошаркари во НБА, поради лојалноста која ја покажа во „Тандерс“, па затоа од клубот џентлменски му дозволија да замине како би можел да се бори за прстен. Харден и Весбрук би требало да биде еден од најатрактивните тандеми сезонава и со начинот на размислување на Дантони, се очекува „Рокетс“ да бидат еден од тимовите за кои ќе се исплати да се останува до раните утрински часови.
ДАЛАС МАВЕРИКС
Иако никој не ги вбројува во групата на фаворити, сепак на балканските простори годинава „Мавс“ ќе бидат можеби и најомилениот клуб. Тоа што беше Сакраменто Кингс на почетоците на овој милениум со Дивац, Стојаковиќ, Туркоглу, тоа годинава треба да биде Далас кој во своите редови ги има Дончиќ, Марјановиќ, Порзингис. Дончиќ ќе мора да го крене квалитетот на играта од минатата сезона кога беше избран за „руки“ на сезоната и да покаже дека е веројатно еден од најталенитраните кошаркари на денешницата.
ДЕНВЕР, ПОРТЛАНД, ЈУТА
Три млади тима кои минатите две сезони беа меѓу најпријатните изненадувања, но и три тима од кои не се знае што може да се очекува. Денвер минатата сезона беше предводен од Никола Јокиќ кој имаше сезона на МВП – ниво. Ако успее да ја повтори играта од минатата година, не е чудно Денвер повторно да биде меѓу првите четири тима во многу посилниот Запад. Портланд веројатно минатата година го достигна врвот. Играше финале на западот, каде доби „метла“ од Голден Стејт, а Лилард и Меккалум уште еднаш покажаа дека се најпотценетиот тандем во лигата. Од Јута може да се очекува се. И финале на Запад, но и да не обезбедат пласман во плеј-офот. Пред две години Мичел беше откритие на сезоната, но минатата година неговите бројки се намалија. Го донесоа искусниот Конли од Мемфис, а во редовите го имаат и најдобриот дефанзивец изминатите две години Руди Гобер.
ИСТОЧНА КОНФЕРЕНЦИЈА:
ФИЛАДЕЛФИЈА 76
Веројатно дојде времето кога процесот мора да кулминира и по ерата на Ален Ајверсон, Фили конечно да играат финале во НБА. Торонто го загуби Ленард, Бруклин ќе бидат без Ирвинг цела сезона, па затоа конечно е време Симонс, Ембид и компанија да го однесат клубот до врвот. Под кошевите Ембид ќе има помош и од искусниот Ал Хорфорд кој минатово лето дресот на Бостон го замени со тој на Филаделфија.
МИЛВОКИ БАКС
Најголеми кандидати за освојување на Источната конференција покрај Филаделфија се и Милвоки Бакс. Баденхаузер минатата сезона заврши одлична работа во тимот. Адетокумбо беше најкорисен кошаркар во регуларниот дел од сезоната, тимот имаше најдобар учинок, а беа на само две победи од големото финале и можеби (поради повредите на Вориорс) и до освојување на титулата.
БРУКЛИН НЕТС
Тимот кој покрај ЛА Клиперс заврши најдобра работа изминатото лето. Во редовите ги донесоа Кевин Дурант и Кајри Ирвинг, а доколку првиот не заработеше тешка повреда во ланското финале поради која ќе ја пропушти целата сезона, „Нетс“ годинава ќе се прошетаа во истокот. Ирвинг не успеа да биде лидер во Бостон, но ќе мора да го води тимот кој има добри кошаркари се до враќањето на Дурант, кога повторно нема да биде најголема „ѕвезда“, нешто поради што замина од Кливленд.
ТОРОНТО РЕПТОРС
Фактот што се актуелни шампиони е единствената причина поради која „гордоста на Канада“ ја ставаме меѓу фаворитите на Истокот. Летово останаа без Кавај Ленард кој беше клучот за освојување на трофејот, а мора да се напомене дека Лаури и Гасол се една година постари. Веројатно тоа минатата година беше „лебедова песна“, но сепак на далеку послабиот исток би требало и годинава да влезат во плеј-офот. Се очекува Сјакам да биде првата ѕвезда и тимот да се гради на него, но останува непознаница како ќе се снајде младиот Камерунец во новата улога која ја доби.
БОСТОН СЕЛТИКС
Тимот кој можеби многу ветуваше поради одличната работа на драфтот, веројатно се покажа како грешка доведувањето на Кајри Ирвинг. Наместо борба за враќање на трофејот во најспортскиот град во САД, Бостон минатите две сезони беше само тим кој може да се бори, но не и да добие. По заминувањето на Ирвинг, прва ѕвезда во тимот ќе биде Кемба Вокер, а се очекува со одлична тимска игра, тимот од Бостон да се најде меѓу најпозитивните изненадувања.
Сите големи фанови на НБА едвај чекаат да почне новата сезона, која мораме да признаеме дека ќе биде нешто најголемо што може да понуди спортот. Сезона како оваа со премногу „суперстарови“ и премногу тимови кои имаат квалитетни играчи досега се нема случено во НБА. Веројатно на крајот ќе одлучи кој ќе биде „здрав“ во клучните натпревари.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА