Лука Модриќ откри зошто се одлучи да остане во Милан: Срцето одбра…

Лука Модриќ откри дека довербата и поддршката која ја добил од Милан и неговите навивачи биле главната причина поради која одлучил да остане во редовите на „росонерите“ и да потпише нов договор.

Во интервју за „Газета дело Спорт“, хрватскиот репрезентативец истакна дека одлично се чувствува во Милано и дека чувството дека клубот навистина го цени било пресудно за неговата одлука.

„Останав затоа што се чувствував одлично тука. Клубот и навивачите ми дадоа многу љубов и поддршка, а тоа беше главната причина за мојата одлука. Чувствував колку Милан ме сака, а тоа е нешто што секој фудбалер го посакува“, изјави Модриќ.

Искусниот играч од средниот ред додаде дека пред да донесе одлука морал да биде сигурен дека неговото тело сè уште му дозволува да игра на највисоко ниво.

„Секогаш имав желба да останам уште една сезона, но не сакав да брзам. Морав да го слушнам своето тело и да видам дали сè уште ја имам истата страст, желба и мотивација. Кога сфатив дека е така, а клубот повторно ми покажа колку смета на мене, немаше повеќе дилеми“, додаде тој.

Модриќ не го криеше ниту разочарувањето од минатата сезона, во која Милан не успеа да обезбеди место во Лигата на шампионите.

„Тоа многу ме погоди. Жал ми е што не можев да му помогнам на тимот во најважните натпревари поради повредата. Токму затоа сакам оваа сезона да биде поинаква. Мораме да учиме од грешките и да го вратиме Милан таму каде што му е местото“, порача хрватскиот фудбалер.

Модриќ истакна дека неговата главна цел останува иста како и при пристигнувањето во Милано – освојување трофеи.

„Дојдов тука за да освојувам трофеи и тој сон не се променил. Не сум тука само за да играм и да уживам во фудбалот, туку и за да победувам“, заклучи легендарниот хрватски играч за врска.

Се вчитува...