Македонската сениорска репрезентација денеска (16 часот) ќе го одигра последниот натпревар од првата фаза на претквалификациите за пласман на Евробаскетот 2029.
Во „Националниот центар за спорт и култура“ во Луксембург, избраниците на селекторот Жозеп Марија Берокал ќе се соочат со домашната селекција, со јасна желба квалификацискиот циклус да го завршат со максимален учинок.
Лука Стојановски, еден од најстандардните репрезентативци во последните квалификациски циклуси, очекува натпреварот да биде добра можност за дополнително воигрување на тимот и за поголема минутажа на сите кошаркари кои се во составот.
„Факт е дека ова е натпревар без никакво резултатско значење. Освен тоа настапуваме без најдобрите играчи од Македонија. Но на тоа гледаме како одлична шанса за поголем простор за играчите кои се тука, од поискусните до оние најмладите. А тие минути индивидуално треба да ги одиграме зрело, а во меѓувреме да работиме на тимската хемија на теренот“, вели Стојановски.
И покрај тоа што првото место е веќе обезбедено, мотивацијата не изостанува. Напротив, во националниот тим владее убедување дека серијата победи треба да продолжи и на последното гостување во оваа фаза од натпреварувањето.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
