Луцидноста на директорот: Перо Антиќ во кампања за градоначалник на Сопиште! (ВИДЕО)

Во најновата епизода на спортскиот подкаст „ПРЕСИНГ“ на ЕКИПА.МК, гости двајца актери од македонската кошарка, од оние златни години на овој спорт кога дојдовме и до четвртото место во Европа, тогашниот директор на КФМ, Илија Мерџановски како и еден од најдобрите кошаркари во македонската историја, Тодор Гечевски.

Осврнувајќи се на бројни теми од домашната кошаркарска сцена, поранешниот директор во Кошаркарската федерација, Илија Мерџановски раскажа и за приказната како во еден момент влегол во „конфликт“ со Перо Антиќ, па морал луцидно да го смирува еден од нашите најдобри кошаркари во историјата со приказна за „кандидатура за градоначалник на Сопиште“.

А, се почнало од желбата да се разговара со Антиќ околу доаѓањето тогаш на собирот на македонската репрезентација.

„Кога му се роди второто дете на Перо Антиќ, со генералниот секретар Дејан Лекиќ, му се јавивме да отидеме на повојница каде што играше тогаш. Со нив не можеш поинаку, мораш да си тактичар. И отидовме таму. Перо е одличен домаќин, секогаш. Седнавме вечерта, седиме. Другиот ден пак отидовме да се видиме и тој сега чека нешто да му кажам, затоа што Перо не е нималку наивен. Ми вика: „Абе ништо не зборуваш, вика, што си дошол?“ Кажи. „Абе“, викам, „на повојница“. „Ама немој ти мене на повојница. Излези на тераса“, ми вика. Излегов. Кажи, што имаш да ми кажеш? Ништо, бе, Перо, викам, дојдов да те видам, мајко моја. Не, не, не, сега тој чека да го прашам дали ќе дојде да игра за репрезентацијата. И, тука остана на муабетот само толку“ – раскажува Мерџановски и дополнува:

„Се вратив во Скопје и јас дадов изјава. „Што ти кажа Перо?“, ме прашаа новинарите кога се вратив во Скопе. Им реков дека едвај чека да дојде да се види со соиграчите. Па, бев многу нападнат од Перо Антиќ: „Зошто кажа дека ќе играм?“ Викам, Перо, ако читаш добро изјавата, никаде не се споменува играње, туку само дека едвај чекам да се видам со играчите. Ме викна, Перо на разговор во Сити Мол да се расправа со мене зошто сум дал таква изјава“.

Илија Мерџановски со Лестер Бо Мекејлеб и Перо Антиќ пред историскиот настап на Македонија на ЕП 2011 во Литванија

„И јас тогаш се нашегував, му викам: „дадов таква изјава и дојдов кај тебе“, викам, „знаеш ли зошто?“ Затоа што, викам, јас многу пати тебе во животот сум ти помогнал. Сега ми треба мене помош. Викам, ќе се кандидирам, нели, сега измислував приказна. Ќе се кандидирам за градоначалник на Сопиште и ми треба медиумска поддршка – кампања. Така ми рече ПР-агенцијата. И тој се замисли. Па вика, што не кажеш? Па, викам, ќе ми дадете ли поддршка…? И низ тој муабет на крај почнав јас да се смеам. Кажав дека нема врска тоа со кандидатурата за градоначалник, ама си го направивме муабетот и седнавме и се договоривме“.

„Со нив треба мудро, специфични се, паметни се и интелигентни се. Со сила не можеш никако. Можеш со еден начин да им ја купиш душата со памук, затоа што сите се тие прекрасни момци“ – вели Илија Мерџановски.

==================================================
ЦЕЛИОТ ПОДКАСТ „ПРЕСИНГ“ СО ТОДОР ГЕЧЕВСКИ И ИЛИЈА МЕРЏАНОВСКИ МОЖЕ ДА ГО ГЛЕДАТЕ ТУКА….
==================================================

Се вчитува...