Магдевски и Маслинко, први желби на МЗТ Скопје

МЗТ Скопје во голем стил ја заврши минатата сезона, но „металците“ немаат мноу време за славење, па во изминатите денови се целосно фокусирани на екипирање на составот за наредната натпреварувачка сезона. Дел од играчите се се уште под договор, со капитенот Дамјан Стојановски се договорени условите за продолжување на соработката, а МЗТ се обидува да најде заеднички јазик за во клубот да остане и Војдан Стојановски.

Акцентот за нови играчи моментно е ставен на домашни кошаркари, а во тек се разговорите за ангажман на двајца поранешни играчи на МЗТ, Андреј Магдевски и Андреј Маслинко. Магдевски играше во одлична форма во дресот на МЗТ до пред две сезони, беше избран и за МВП на финалната серија при претпоследната титула на „металците“, по што одличниот плејмејкер се реши за предизвик во странство, селејќи се во Романија. Тој имаше успешна сезона во дресот на Плоешти и размислува за останување во странство, но челниците на МЗТ е оптимисти дека ќе го убедат да се врати назад меѓу аеродромци.

Маслинко мина неколку години во дресот на МЗТ Скопје, најавуван како голем талент, но никогаш не ги оправда таквите епитети. По серијата повреди го напушти тимот, ланската сезона ја мина во ТФТ, но Маслинко би сакал да се врати назад во МЗТ, опција што е интересна и за „металците“, кои веќе разговарале со 25-годишниот кошаркар.

По екипирањето на „костурот“ на тимот од домашни играчи ќе се прејде кон избор на странски засилувања. Од оние кои лани го носеа дресот извесно е дека Ајви ќе остане бидејќи има договор и за новата сезона, а сигурно е и заминувањето на Рикиќ.

Се вчитува...