Магија на Кими Антонели, од последното место до победа во Монца

Кими Антонели испиша една од најубавите страници во својата млада кариера. Италијанскиот возач на Мерцедес триумфираше на Големата награда на Италија која се возеше на патеката во Монца, во трка која за него започна од речиси најлошата можна позиција.

Антонели стартуваше од 19. место поради казната поради промената на погонската единица, но тоа не го спречи да направи спектакуларен кам-бек. Со одлично темпо, храбри престигнувања и добра стратегија, возачот на Мерцедес постепено се пробиваше кон врвот.

Во драматичната трка, Антонели водеше голема битка со својот тимски колега Џорџ Расел. Во еден момент излета на дел од патеката , но успеа да продолжи и да ја задржи контролата над болидот.

На крајот, Италијанецот прв ја мина целта, со Расел на второто место, додека трет заврши Макс Верстапен со Ред Бул. Разликата меѓу двата болиди на Мерцедес на целта беше нешто помалку од четири секунди, додека Верстапен заостана околу 15 секунди.

За Антонели ова беше седма победа сезонава, но значењето на триумфот е многу поголемо. Тој стана првиот Италијанец по цели 60 години кој победил на домашната трка во Монца. Последен пат тоа му успеало на Лудовико Скарфиоти во далечната 1966 година.

Победата доаѓа во исклучително важен момент за Антонели, кој ја предводи шампионската трка во Формула 1. Италијанецот сега дополнително ја зголеми еуфоријата во својата земја и покажа дека и покрај стартот од дното, може да се бори со најдобрите.

Монца повторно понуди спектакл, а главната приказна овојпат ја напиша младиот Италијанец. Пред своите навивачи, Антонели направи камбек за паметење и стигна до победа која ќе остане запишана во историјата на италијанската Формула 1.

Се вчитува...