Мајк Џејмс оди во Барса, и тоа за двојно помала плата

Мајк Џејмс го предводеше Монако во плејин натпреварувањето, „кнезовите“ го освоија осмото место кое води во плејофот со синоќешниот триумф над Барселона, а интересно е што токму каталонскиот гигант би требало да биде нов клуб на американскиот поентер почнувајќи од наредната сезона.

Џејмс вчера објави дека нема намера да потпише нов договор со Монако и летово како слободен играч ќе ги напушти „кнезовите“. Тој истакна и дека се уште го нема договорено новиот чекор во кариерата, но од Шпанија пристигнуваат поинакви информации – Џејмс е веќе договорен со Барселона, но трансферот нема да биде официјализиран се до завршувањето на сезонава.

Она што е уште поинтересно, Барса му понудила на Џејмс вкупно три милиони евра за двогодишен договор, сума што Американецот ја прифатил иако сезонава заработи толку пари за само една година во Монако.

Желба на ветеранот е повторно да заигра за тренерот Чави Пасквал со кого пред неколку години имаше одлична соработка во Панатинаикос. Воедно, Барса подготвува моќен тим (веќе се договорени центрите Рајт и Нибо, а се најавуваат уште неколку засилувања), па Џејмс верува дека со каталонскиот гигант може уште еднаш за последен пат да ја нападне титулата во Евролигата пред и официјално да ја заврши својата кариера.

Се вчитува...