Македонија 20 минути се бламираше – Косово си испиша историја

Македонија претрпе пораз на стартот од претквалификациите за СП 2019, откако нашите кошаркари вечерва загубија од Косово со резултат 72-68. Играта беше катастрофална во првото полувреме, па ниту нешто подоброто издание во вториот дел не беше доволно за да се поправи очајниот впечаток што беше оставен на теренот во Приштина, овозможувајќи му на противникот да стигне до првата официјална победа во својата историја. Ако се има во предвид дебаклот во првиот дел што го загубивме со дваесет поени, минималниот пораз остава мало задоволство поради фактот дека нашите кошаркари дефинитивно поседуваат квалитет за поубедливо да го совладаат овој противник во Скопје и да имаат подобар меѓусебен скор.

Мечот го почнавме нервозно во нападот, па во првите две минути не реализиравме ниту еднаш. Потоа во ритам влезе Џордан Теодор, кој набрзина нанижа шест поени и една асистенција, за намалување на водството на противникот на 9-8. Сепак, потоа повторно дојде до мала криза во офанзива, па откако противникот поведе со 15-8 селекторот Давитков побара тајмаут. Сепак, проблемите се продлабочија откако Војдан Стојановски веќе во следниот напад ја загуби топката, а на спротивната страна Теодор ја заработи и втората лична грешка. Кризата се продлабочи, па домаќините веќе во 9. Минута поведоа со 19-8, за комплетирање на серијата од 10-0 што со тројка конечно ја прекина Тасовски. Македонските репрезентативци ја загубија и битката под обрачите, па неслучајно ја завршија очајната прва четвртина со 23-11.

Шутот од далечина воопшто не функционираше, па по само една погодена тројка од десет обиди, и со расположениот Дардан Бериша од спротивната страна, Косово во 14. Минута имаше двојно повеќе поени од нашата селекција (28-14). Откако за неполни пет минути Македонија постигна само три поени (два плус еден на Теодор), Давитков се реши да побара уште еден тајмаут. Советите вродија со плод, набрзина намаливме на 28-18, но потоа Теодор ја загуби топката во напад, веднаш правејќи лична грешка што судиите ја окарактеризираа како намерна, па домаќините повторно отидоа на плус тринаесет (31-18). Фактот дека Косово имаше десет офанзивни скокови за едно полувреме доволно говори за немоќта во битката под обрачите, па мизерното прво полувреме го завршивме со двојно помалку поени од противникот (40-20).

mak-holand (29)

На стартот од вториот дел во игра беше и Кире Николовски, нападот почна да функционира, па набрзина ја намаливме негативата на 45-34, по одличната серија на капитенот  Војдан Стојановски. Добивме на самодоверба и во одбраната, Косово се потешко наоѓаше начин за реализација, па со поените на Тасовски и на Теодор ја спуштивме предноста под десет поени (52-43). Сепак, Бериша погоди уште една тројка и ги крена на нозе присутните во салата, за конечни 55-43 по три завршени четртини.

Шутот беше проблем на стартиот од последниот период, па Косово рутински ја одржуваше предноста, со тројката на Ругова поведувајќи со 60-47. При резултат 61-50 Костоски не реализираше обид за три поени, по што домаќините погодија од далечина, повторно стигнувајќи до „плус четиринаесет“. За среќа, одигравме одлично во последните три минути, па успеавме и да ја симнеме предноста на противникот под десет поени. Во фуриозните две минути стигнавме и до 66-61 со тројката на Теодор, но сите надежи за чудесен камбек згаснаа со положувањето на Бериша, кој изнуди и прекршок, враќајќи ги домаќините на удобни плус осум (69-61) на 70 секунди до крајот. Теодор ги презеде работите во свои раце со брзи четири поени, а потоа по неговиот пробив слободен остана Тасовски, кој погоди тројка намалувајќи на 70-68 на 27 секунди до крајот. Следеше тактичка лична грешка на Тасовски (петта за него), по која Бекај беше два пати прецизен од слободни фрлања, решавајќи ги дилемите околу победникот, за конечни 72-68.

Џордан Теодор со 22 поени беше прв стрелец во нашиот национален тим, капитенот Стојановски постигна 17 поени, а најдобар поединец на натпреварот беше домашниот капитен Бериша со 28 постигнати поени.

Нема многу време за анализи и исправање на грешките, бидејќи нашите кошаркари веќе в сабота ги очекува првиот домашен меч од овој претквалификациски циклус, против селекцијата на Естонија.

Се вчитува...