Македонија и Грција, ко-домаќини на Евробаскет?!

Македонија и Грција покрај тоа што во моментов се низ интензивни разговори за решавање на спорот за името, истовремено „крчкаат“ и поинаков вид на соработка на нашата држава со јужниот сосед – ЗАЕДНИЧКА ОРГАНИЗАЦИЈА НА ГОЛЕМО СПОРТСКО НАТПРЕВАРУВАЊЕ!

Како што дознава ЕКИПА,  на највисоко државно ниво меѓу двете страни веќе интензивно се прават напори да се обезбедат услови, Македонија и Грција заеднички да аплицираат за домаќинство на Евробаскет 2021.

Според информациите на ЕКИПА на оваа тема се разговара веќе извесно време, а за неа се запознаени не само лицата од федерациите, туку и од политичкиот врв и од Македонија и од Грција, кои дале зелено светло за иницијативата, по што во следните месеци се очекува и преземање на конкретни чекори и интензивна соработка за заедничко аплицирање на домаќинството на овој голем настан.

Многу полесно во моментов делува добивањето на организацијата на Евробаскет 2021 за жени, за кој нема преголема конкуренција. Македонија и Грција сепак планираат најпрвин да се обидат да дојдат до машки шампионат, со тоа што за оној во 2021 година ќе има сериозна конкуренција (Шпанија и Италија веќе испратија заедничка апликација, а интерес покажаа и Чешка, Полска, Австрија и Шведска). Доколку се добијат сигнали дека машкиот Евробаскет 2021 е невозможен во моментов, ќе се направи проценка дали силно ќе се тргне во офанзива за Евробаскет 2025, или погледите ќе се насочат кон шампионатот во женска категорија.

Во секој случај, радува желбата и иницијативата Македонија да биде дел од организацијата на големи спортски настани, откако претходно и Ракометната Федерација успеа да се избори за заедничка организација на ЕВРО 2022, заедно со Црна Гора и со Словенија.

Се вчитува...