Македонија и Словенија играат за мундијалско осминафинале

mec baner

Кој ќе победи тој обезбедува полуфинале. Доволен влог за уште поголема тензија пред денешниот натпревар меѓу репрезентациите на Македонија и на Словенија во третото коло од групната фаза во Групата Б на Светското првенство во Франција, со почеток од 17.45 часот. Покрај веќе легендарното ривалство на двајцата селектори, Лино Червар на македонската и Веселин Вујовиќ на словенечката клупа.

И двете репрезентации во дуелот влегуваат со по две победи во првите два натпревари. Трета победа во групата, на две кола пред крај, автоматски ќе значи сигурно место меѓу четирите репрезентации кои ќе продолжат во осминафиналната фаза на СП.

Македонија и Словенија се противници што добро се познаваат меѓусебе, а се познаваат добро и Червар и Вујовиќ. И двете репрезентации имаат изменет состав во однос на претходните настапи. Ќе победи тој што е поподготвен и тој што полесно ќе се справи со притисокот.

„Знаеме што не чека, знаеме каква игра игра Словенија. Знаат и тие многу за нас. Мислам дека ќе победи оној што ќе биде подобро подготвен „во глава“ и повеќе мотивиран. Тоа што се познаваме може да донесе поголема напнатост во натпреварот. Сепак, тоа мене лично ми се допаѓа. Сакам такви натпревари со притисок, со повеќе напнатост. Ние како и секогаш ќе ја играме нашата игра. Како што реков и пред ова СП, треба да се гледаме повеќе ние и нашата игра, не противниците. Ако успееме да го наметнеме нашиот ритам и нашата игра, мислам дека имаме шанса да се избориме за добар успех“ – истакнува Филип Миркуловски во пресрет на дуелот со Словенија.

Дека ќе биде тежок и неизвесен натпревар знаат и Словенците. Тие знаат од каде доаѓа најголемата опасност по нивниот гол, се подготвуваат да најдат решение за Кире Лазаров и потенцираат дека одбраната ќе биде решавачка на овој дуел.

„Се знаеме добро со Македонија. Секогаш кога играме натпреварите се изедначени. Мислам дека одбраната ќе биде пресудна на овој меч“ – посочува десното крило на словенечката репрезентација, Гашпер Маргуч.

Македонија и Словенија лани пред ЕП во Полска одиграа два контролни и двапати ремизираа. На претходното СП 2015 во Катар, овие две селекции играа меѓусебе во осминафиналето во кое Словенија беше поуспешна (30-28). Македонија пак славеше против Словенија во мечот за 5.место на ЕП 2012 во Србија (28-27).

Вечерашниот дуел на СП во Франција е нов предизвик и за двете селекции и за двајцата селектори. И за престиж, но уште повеќе за обезбедено осминафинале.

Се вчитува...