Ракометната репрезентација на Македонија го задржува континуитетот и е една од ретките со редовен настап на сите европски и светски првенства од 2012 година откако „црвено-жолтите“ со импресивна победа над Литванија стигнаа до второто место во групата кое значи и билет за ЕП 2026. За пласман на ЕП ни беше довона победа од најмалку два гола, но ракометарите одиграа импресивно, пред се во второто полувреме во кое целосно го скршија отпорот на гостите и славеа со убедливи 26-17. Во главна улога беше голманот Мартин Томовски, кој донесе пресврт по слабиот старт на мечот, а цврстата одбрана со која раководеше Милан Лазаревски беше формулата за наш успех во овој исклучително важен натпревар.
Почетокот на натпреварот ни беше катастрофален, во првите осум минути не успеавме да постигнеме ниту еден гол, додека Литванците од девет метри ја торпедираа нашата мрежа, набрзина поведувајќи со 4-0. Лазаров беше принуден да земе тајмаут, конечно реализиравме со пеналот на Кузмановски, по што два погодоци постигна и Мартин Ивановски.
Сепак, вистинскиот ритам го добивме кога Томовски застана на голот и одбрани неколку важни удари, а кога на половина од полувремето во игра влезе и Серафимов профункционира и нападот, по што набрзина го свртевме резултатот во наша полза. Украдовме топка и преку Серафимов израмнивме на 8-8, по што литванскиот селектор го побара својот прв тајмаут на натпреварот. Шоуто на Серафимов продолжи со трет гол и прво водство на Македонија (9-8, 22. минута). Томовски одбрани уште еден удар, по што Атанасијевиќ стрелаше прецизно за 10-8, по што не реализиравме два напада преку Кузмановски за „плус три“. При 11-9 на три минути до крајот на полувремето исклучен беше Карасманакис, но и со играч помалку зголемивме на три гола предност (13-10) со голот на Пешевски. До крајот на полувремето гостите намалија од пенал на 13-11, со што Македонија на одмор заминува со водство од два гола (13-11).
За разлика од првото полувреме, вториот дел го почнавме одлично, преку Лазаревски и Серафимов набрзина поведувајќи со 15-11, за Томовски по одличната асистенција да асистира до Џонов за уште поубедливи 16-11. При 16-12 не искористивме два напада да се вратиме на „плус пет“, но одбраната беше на одлично ниво, дури и при ситуација со играч помалку по исклучувањето на Џонов. Во нападот имавме очигледни проблеми, но благодарение на фанатичната одбрана на чело со Томовски одржувавме плус четири (17-13, 44. минута). Џонов беше играчот кој направи разлика во следната минута, постигнувајќи два гола од крило за предност од одлични 19-13, по што следеше тајмаут на литванскиот селектор.
Лазаревски беше клучен играч во нашата одбрана, додека на спротивната страна Атанасијевиќ изнуди два пенала што Кузмановски ги претвори во голови за 21-14. Со истиот резултат влеговме во последните десет минути од натпреварот, пред Јагуриновски да стрела прецизно за „плус осум“, а Томовски на спротивната страна да одбрани уште еден удар на гостинските бекови. Шоуто го надополни Пешевски со мајсторски гол за 23-14, по што беше јасно – Македонија ќе се пласира на уште едно големо натпреварување. Шоуто го комплетираше Никола Митревски, кој влезе во игра и одбрани два седмерци, за тотална еуфорија во „Јане Сандански“. Убедливата предност беше задржана до самиот крај, меѓу стрелците се запиша и младиот Дамјан Митев, за Македонија на крајот да слави со конечните 26-17, за заслужен пласман на ЕП 2026.
Мартин Томовски беше извонреден со 11 одбрани и фантастични 55% успешност, додека во нападот најефикасни беа Кузмановски и Серафимов со по пет гола, пред Пешевски и Џонов со по три погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА