Македонија на патот кон „ѕвездите“: Мегданот со европскиот шампион нека биде уживање!

ЕКИПА во Палермо, Италија

Владимир Булатовиќ

Македонската репрезентација, без сомнение, го игра најголемиот свој натпревар во историјата. Без разлика на пласманот на ЕВРО 2020, изборен преку далеку понеквалитетниот пат низ Лигата на нациите, Македонија сега во суштина на исто ниво со најголемите европски селекции ја пишува својата историја на патот кон прво учество на едно светско првенство.

Вечерва од 20:45 часот на „Ренцо Барбера“ во Палермо баражот за пласман на Мундијалот во Катар против Италија засекогаш ќе остане запаметен во аналите на македонскиот спорт. Без разлика на исходот. Токму затоа и македонскиот селектор Благоја Милевски на своите избраници ќе им порача единствено да уживаат во денешната пресметка.

„Немам дилеми околу составот, и се надевам дека само дека сите ќе бидат подготвени за утрешниот предизвик. Овие момци покажаа дека заслужено се тука, со самиот пласман во бараж, а сега за нив останува само да уживаат во натпреварот“ – истакна македонскиот селектор на вчерашната средба со медиумите во Палермо.

А, оваа Македонија покажа дека со истиот квалитет може да чекори кон европските фудбалски височини и по ерата на Горан Пандев и без неговото присуство на терен, што и тоа како носи огромна самодоверба плус за помладата генерација македонски репрезентативци. Сето тоа носи и мотив и кај секој поединец во тимот токму на дуелите со гигантите како Италија да се покажат сите свои можности.

„Горд сум што сум дел од оваа генерација. За мене е чест што сум предводник на овој тим кој може да биде уште еднаш запишан со златни букви во македонската фудбалска историја“ – вели и капитенот Стефан Ристовски.

ВЕРОЈАТЕН СОСТАВ НА МАКЕДОНИЈА ЗА ДУЕЛОТ СО ИТАЛИЈА

Македонскиот селектор Благоја Милевски, ако се знае дека нема да може да смета на стандардните низ квалификацискиот циклус Елиф Елмас и Тихомир Костадинов, и нема многу можност за сериозни дилеми околу составот кој ќе им се спротистави на Италијанците, иако е јасно дека тактичката поставеност на екипата ќе остане енигма до самиот почеток на натпреварот вечерва од 20:45 часот.

Во одбраната, пред голманот Столе Димитриевски, е сосема јасно дека ќе бидат Муслиу и Велковски, дополнети со капитенот Стефан Ристовски и Алиоски, а во засилениот среден ред Адеми заедно со Барди и најверојатно Стефан Ашковски, иако останува опцијата за старт и со Бобан Николов во средниот ред.

На крилните позиции повторно се очекува да стартуваат Дарко Чурлинов и Александар Трајковски, со Милан Ристовски во нападот.

Се вчитува...