Македонија не реализира, Романија еднаш поентира за водство на полувремето во Букурешт (ВИДЕО)

ЕКИПА во Букурешт, Романија

Владимир Булатовиќ

Македонската репрезентација има негатива од 1-0 по првите 45 минути игра на дуелот против Романија на стартот од квалификациите за СП 2022. Македонија имаше серија одлични шанси, но не реализираа Несторовски, Пандев и Елмас, па домашните казнија со голот на Танасе во 28. минута.

По почетната привидна контрола на играта на Романците, првата вистинска шанса ја имаше македонската репрезентација во 8. минута. Брз напад, двојно проигрување меѓу Алиоски и Несторовски најпрво во домашниот шеснаесетник, потоа и вторпат Пандев до Несторовски но неговиот обид од десеттина метри заврши крајно непрецизно.

Денис Ман во 17. минута го имаше и првиот обид за Романците, но Димитриевски го брани неговиот шут од 18 метри. Веднаш во следната минута и Банку се обиде од 20 метри, но Димитриевски повторно сигурен.

И, во 22. минута нова одлична шанса за македонската селекција. Барди одлично го проигра Пандев во домашниот шеснаесетник, но лоб-ударот на капитенот заврши над голот на Романците.

И кога не се искористија шансите, на спротивната страна следеше казна во 28. минута. Танасе по проигрувањето од Каракаше, одлично реализираше за 1-0.

Сепак, тоа не ги обесхрабри македонските репрезентативци, па во 32. минута извонредна шанса имаше и Елиф Елмас но од десеттина метри откосо шутираше покрај голот, а во 37. минута и Несторовски по проугрувањето од Бобан Николов не реализираше.

КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2022 – Група Ј (1. коло)
РОМАНИЈА – МАКЕДОНИЈА (1-0)
Национална арена во Букурешт. Натпревар без публика. Главен судија: Фабио Верисомо (Португалија). Стрелец: Танасе 28′ (Р).
РОМАНИЈА: Нита, Попеску, Кирикеш, Бурка, Банку, Марин, Станчиу, Ман, Танасе, Коман (14′ Михаила), Кешеру
Селектор: Мирел Радои
МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Ристовски, Бејтулаи, Муслиу, Ристевски, Алиоски, Барди, Николов, Елмас, Пандев, Несторовски
Селектор: Игор Ангеловски

Се вчитува...