Македонија незапирлива, победа против Швајцарија за лидерска позиција

Македонските ракометни кадети одиграа уште еден драматичен натпревар и во победничката серија додадоа уште еден голем триумф совладувајќи ја Швајцарија со 32-31, во четвртиот натпревар на ЕХФ шампионатот (У18) во Тбилиси. За избраниците на селекторот Данило Брестовац ова е четврта победа во серија со која го обезбедуваат првото место во групата пред полуфиналната разврска.

По веќе проверениот рецепт во дуелот на младинските селекции, Македонија и во оваа пресметка со Швајцарците влезе сигурно и агресивно уште од стартот и го отвори натпреварот со водство од 4-1. Со сигурната игра во одбраната и разнов разноврсност во нападот, македонската репрезентација го диктираше темпото и пет минути пред крај на полувремето стигнаа до највисока предност од +6 (13-7). Но, во наредните минути Швајцарците успеаја да ја преполоват негативата и да намалат на 15-12 во финишот на полувремето.

На стартот од второто полувреме Швајцарија брзо дојде на гол негатива (15-14). Македонските кадети сепак останаа прибрани, постигнаа четири гола во серија и повторно се одлепија на сигурни +5 (19-14). Противничкиот состав се обиде да се одбрани со фластер на десниот бек Мартин Серафимов кој беше најсериозна закана по нивниот гол со шест погодоци во првите 30 минути и успеаја да го нарушат ритам на македонската репрезентација и да го свртат резултатот поведувајќи со 21-23 на стартот од последната четвртина.

Надмудрувањето и неизвесноста продоли и во завршните десетина минути од натпреварот. Македонските кадети се вратија во игра. Додека Швајцарците беа концентрирани да го затворат Серафимов, одговорноста во нападот ја презеде Ѓорѓиев. Македонија се врати во позитива и на крај излезе како победник и во оваа пресметка со Швајцарија со конечните 32-30.

Мартин Серафимов беше најефикасен на теренот со 10 гола, по пет гола постигнаа Симоноски и Каковски, а четири запиша Ѓорѓиев. Уште една забележителна партија на голот на македонската репрезентација имаше Марко Кизиќ со 12 одбрани.

Во последниот натпревар од групата, утре македонските кадети играат против репрезентацијата на Естонија.

Се вчитува...