Македонија победува и без Џордан, цврстата одбрана беше лек за Португалците

Македонија стартуваше успешно на „Трофеј Македонија“ турнирот, со победа над Португалија со резултат од 52-47. Натпреварот можеби не се одигра според планот, кога станува збор за реализацијата, но одлично е што продолжува да се гради победничкиот менталитет, уште повеќе што до победата се стигна без помошта на повредениот Џордан Теодор.

Нашите кошаркари го отворија натпреварот преку Младеновски, па иако се обидуваа од старт да ја градат разликата, водството траеше само во воведните пет минути (9-8). Селекциите повеќе беа фокусирани на одбраната, недостасуваа поени и на двете страни, што не е изненадување со оглед дека се работи за пријателски натпревар. Португалија ја доби првата четвртина со 18-15, со свирежот на сирената Баросо погоди за три поени.

mak-por(kosarka)20.07 (13)

Избраниците на Давитков продолжија со добрата одбрана така што ги ограничија гостите на само девет поени во вторите 10 минути, а добра вест е што и во нападот повеќе се служеа со најдоброто оружје. Нашите кошаркари одговараа на секоја тројка на Португалците, а пред крајот на полувремето го вратија водството. По трите поени на Костовски за израмнување, плејмејкерот во следниот напад ги погоди двете слободни фрлања и ја донесе предноста за нашата репрезентација пред паузата (29-27).

По петнаесетминутниот одмор, нашите репрезентативци со нови сили ја превзедоа контролата врз мечот. Со серија од 10-2 по пет минути игра во вториот дел, Македонија за прв пат водеше со двоцифрен број на поени (39-29). Дисциплината во нашата одбрана ги тераше противниците максимално да го трошат времето при нападите, кои за наша среќа повеќето од нив не завршуваа со реализација. За само десет минути Португалија успеа да постигне само четири поени, статистика која ја отсликува беспрекорната одбрана на Македонија.

Ритамот од третата четвртина во пренесоа во завршните минути, па со нова серија од 9-0, нашите кошаркари стигнаа до највисоката предност од плус 17 поени (48-31). На шест минути до крајот Португалците се обидуваа да се вратат резултатски и евентуално да изненадат. Падот во концентрацијата во нашите редови им овозможи на гостите да се приближат, но избраниците на Јорданчо Давитков заслужено го добија овој меч со 52-47.

mak-por(kosarka)20.07 (20)

Чековски беше најефикасен со 14 поени, Војдан Стојановски постигна 10, а Костоски имаше осум поени. Голем проблем во нашата игра беа загубените топки, дури 22, нешто на што ќе мора да се поработи во следниот период.

Нашите кошаркарите утре во рамките од второто коло се среќаваат со Холандија, која денеска загуби од селекцијата на БиХ со 102-96.

Се вчитува...