Македонските прволигаши минаа подготовки под повеќе од добри временски услови, и сите оние кои останаа на наше тло, но затоа, пак, фудбалската пролет викендов ни почнува под снег.
Снежните врнежи ќе го одбележат стартот на фудбалската пролет. А, први ќе го „кршат мразот“, Академија Пандев и Работнички и тоа со нови тренери, променет играчки кадар и засилени амбиции. Па, кој од двата клуба денеска ќе слави ќе биде познато по натпреварот кој од 14 стартува во Струмица.
„Очекувам добар натпревар со Работнички кој е одличен тим. Со тренерот Влахо соработувавме заедно во Вардар па затоа очекувам одлична тактичка битка. Првиот натпревар по долга пауза секогаш е тежок, но се надевам со одлична игра дека на крајот ќе извлечеме поволен резултат. Имаме одличен тим со интелигентни фудбалери кои може да одговорат на моите замисли“, вели Васоски.
А, позитивен резултат очекува и Александар Влахо, ако се знае дека „романтичарите“ сериозно го засилија тимот за пролетната полусезона.
„Морам да истакнам дека претседателот Драган Поповски и спортскиот директор Горан Станковски завршија одлична работа во зимскиот преоден рок, Работнички доби квалитетни засилувања на адекватни позиции и тимот е комплетиран според нашите замисли. Сега почнува битката за бодови и се надевам дека успешно ќе ја отвориме пролетната полусезона“, вели Александар Влахо.
ПРВА ЛИГА – 19. КОЛО (денеска, 14 ч.)
Струмица: АК. ПАНДЕВ – РАБОТНИЧКИ
УТРЕ (14 ч.)
Скопје: ВАРДАР – ПЕЛИСТЕР
Велес: БОРЕЦ – ШКУПИ
Тетово: РЕНОВА – БЕЛАСИЦА
Кратово: СИЛЕКС – ШКЕНДИЈА
Струга: СТРУГА ТЛ – МАКЕДОНИЈА ЃП
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА