Македонија подобра од Бугарија на последниот тест пред претквалификациите за Евробаскетот (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Македонската кошаркарска репрезентација триумфираше со 91-87 на контролата против Бугарија во рамките на подготовките за претквалификациските натпревари за пласман на Евробаскетот 2029.

Македонија победи на дуелот во салата „Лазар Лечиќ“ во Скопје кој мина низ главно израмнета игра, со наизменично водство и на двете страни во текот на натпреварот.

Бугарите подобро го почнаа мечот, па во 5.минута имаа предност од 10-15. Но, потоа со поените на Петков и на Стјуард, како и тројката на Јакимовски, Македонија доаѓа до 21-22 за крај на првата четвртина.

Првата четвртина беше одбележана и од повредата на плејмејкерот на МЗТ Скопје, Марин Петков, кој заработи повреда на скочниот зглоб, поради која го напушти теренот и не се врати повеќе во игра.

А, Македонија во втората четвртина брзо поведе со двете тројки на Стојан Ѓуровски за водство од 29-23, па потоа и до 32-25 со тројката на Ефремовски. Македонските кошаркари во 15. минута дојдоа и до првата двоцифрена предност (35-25) со тројката на Стјуард.

Но, потоа очајни три минути на нашите кошаркари, и Бугарите дојдоа до израмнување (39-39), за да полувремето заврши со предност од само 45-43 за Македонија.

Третиот период од натпреварот се играше максимално израмнето, завршувајќи со резултат од 66-66, благодарение на тројката на Бугарите со звукот на сирената.

Во последната четвртина, македонските кошаркари повторно создадоа предност за водство од 72-68 во 34. минута. Но, низ игра поен за поен, на две минути пред крајот само поен предност (80-79) за Македонија.

На крајот тројка на Ѓуровски, па три поени и на Стјуард за одлепување на Македонија и конечна победа од 91-87.

Прв стрелец за Македонија беше натурализираниот Американец Стјуард со 26 поени, пред Ѓуровски со 15 поени, Ефремовски со 12 поени и Ташовски со 10 поени.

ПОВРЕДА И НА АНДРЕЈ ЈАКИМОВСКИ

И еден од најдобрите македонски кошаркари, Андреј Јакимовски во првото полувреме заработи мала повреда на главата, поради што воопшто не доби минути за настап во второто полувреме.

 

Се вчитува...