Ќе се бие битка за финале – Македонија против Фарски Острови

Машката младинска ракометна репрезентација на Македонија денеска (20 ч.) во СЦ „Борис Трајковски“ ќе игра против Фарски Острови во полуфиналето на ЕХФ шампионатот (У20) што се одржува во Скопје. Во второто полуфинале (17.30 ч.) играат Белорусија и Швајцарија.

Фараните кои со два порази и со малку повеќе среќа завршија на второто место во групата А и стигнаа до завршницата на шампионатот, се последната пречка за избраниците на селекторот Данило Брестовац до посакуваното финале и борбата за првото место што обезбедува пласман во А дивизија, на младинското ЕП наредната година.

Македонија заврши на првото место во групата Б со три победи и едно реми и е единствена непоразена селекција во групната фаза на шампионатот.

„Се надевам дека ја продолжиме оваа серија победи. Мислам дека имаме добри шанси. Стартуваме како првопласирани во групата и искрено, играме против Фарски Острови кои се малку послаба екипа, имат два порази и со едно чудо влегоа во полуфиналето како второпласирани. Искрено, ме загрижува малку физичката подготвеност, одигравме четири натпревари за еден недела и мислам дека им е напорно, а тоа претставува проблем. Но, верувам дека ќе бидеме подготвени за овој дуел“ – истакна селекторот Данило Брестовац.

Фарски Острови во групната фаза имаа три победи и два порази, и до полуфиналето стигнаа откако во последното коло неочекувано славеа против првопласираната Белорусија со 29-22.

Макеоднија и тоа токму со оваа генерација има лошо искуство против Фарски Острови од ЕХФ шампионатот (У18) во Бугарија, загубија на пенали (32-33) по регуларните 29-29.

Се вчитува...