Македонија против Словачка и Швајцарија во претквалификациите за ЕП 2021

Македонија по потопот во претквалификациите за СП 2019 во Кина, повторно ќе нема директен пристап за главната квалификациска рунда ниту за Евробаскет 2021. Денеска беа извлечени групите за овие претквалификации, при што нашата селекција за ривали ги доби селекциите на Словачка и на Швајцарија. Станува збор за репрезентации што како и ние не ги минаа претквалификациите за СП, па сега на ваков начин ќе се борат за место во главните квалификации. Ждребот се одржа во Минхен, а Македонија бешемеѓу носителите заедно со селекциите на Ерменија и на Португалија.

Во втората група Албанија ќе ги одмери силите со Ерменија и со Данска, додека во групата Ц ќе се натпреваруваат Кипар, Португалија и Луксембург.

ФИБА Европа сепак реши да им даде уште една шанса на екипите што не ги минаа последните претквалификации пред да ги пресели во рангот на Андора, Гибралтар, Малта… па победниците на овие три групи ќе се најдат во главните квалификации за европското првенство, додека оние поразените ќе се преселат меѓу селекциите со најнизок ранкинг во Европа.

Со Словачка летово одигравме две средби во Братислава, од кои на првата претрпевме пораз, а втората беше прекината од страна на судиите поради наводен притисок од нашите кошаркари, при водство на Македонија. Барем на хартија Македонија би требало да биде фаворит во групата, чии натпревари стартуваат во ноември.

Воедно, денеска беа комплетирани и групите за квалификациите за СП 2019, дополнети со селекциите кои ги минаа претквалификациите. Косово ќе биде дел од групата Ц заедно со Литванија, Полска и Унгарија, додека Естонија се најде во групата Х заедно со Грција, Израел и Велика Британија.

grupi kvalifikacii evrobasket 2019

Се вчитува...