Македонија „разбудена“ и моќна против Швајцарија

Машката младинска ракометна репрезентација на Македонија славеше победа против фаворитот Швајцарија со 30-24 во решавачкиот натпревар од 3.коло на ЕХФ шампионатот во Скопје. По неочекуваното реми со Италија во второто коло,  избраниците на селекторот Днило Брестовац „се разбудија“ и одиграа на ниво против најсилниот противник во групата. Со овој триумф, Македонија избива на првото место во групата со пет бода, еден повеќе од Швајцарија и од Украина и е на чекор до пласман во полуфиналето на шампионатот.

Македонските ракометари добро го отворија натпреварот, постигнаа седум гола во серија и по првите десет минути имаа водство од 7-1. Швајцарците свесни за фаворитската улога во овој дуел стартуваа премногу самоуверено, но по почетниот гол, во наредните девет минути останаа без погодок.

Во овој период од играат добро функционираше одбраната на македонскиот состав, а сигурен на голот беше и Матеј Петковски. За разлика од претходниот дуел со Италија, овој пат „црвено-жолтите“ беа многу поконцентрирани и порационални и во нападот и успеваа да ги надмудрат Швајцарците.

Лошата серија на Швајцарија ја прекина Кусио со погодок од седмерец  за 7-2, а потоа им тргна и успеаја да врзат три гола во серија. И покрај повремените осцилации, македонските ракометари држеа контрола на играта и на резултатот. Одбраните на Петковски внесоа дополнителна сигурност и Македонија брзо се врати на +6 (10-4) иако во првите дваесет минути од натпреварот имаа и два нереализирани седмерци.

Со погодокот на Димитар Димитриевски од контра, Македонија го зголеми водството на 13-6 на осум минути пред крај на полувремето. Самоувереноста на Швајцарците се топеше од минута во минута, а грешките се зголемуваа. Сето тоа младите македонски ракометари знаеја да го казнат и во последните пет минути од првиот дел влегоа со највисоки +8 (15-7), а со таа разлика заминаа и на одмор (17-9).

Швајцарија притисна на стартот од второто полувреме и намали на 18-13, но макеоднските ракометари подготвено одговорија на притисокот, ја сочуваа смиреноста и го одржуваа водството на 5-6 гола разлика.

Во последната четвртина, Швајцарците одново го засилија темпото, искористија неколку грешки на македонските играчи и намалија на 23-20 на 11 минути пред крај. Опасноста беше надмината откако Македонија по кризните моменти успеа да врзе шест гола во серија и одново да се одлепи на 29-20 со што беше ставена точка на неизвесноста во овој дуел.

Во вистинско време на вистинско место беше и голманот Петковски да го сопре налетот на Швајцарците и да го одбрани водството за победа. Голманот на Металург запиша 14 одбрани и беше еден од најзаслужните за големата победа против Швајцарија.

Во последниот коло во групата, Македонија во четврток ќе игра против селекцијата на Украина, а Швајцарија против по што ќе биде позната конечната разрешница во групата и кои две селекции ќе продолжат во полуфиналето.

Се вчитува...