Македонија се измачи со Фарски Острови и на пенали стигна до финале

Машката младинска репрезентација на Македонија ги победи Фарски Острови со 27-25 по изведувањето на пенали, откако мечот во регуларниот дел заврши нерешено 23-23 и  со овој триумф обезбеди пласман во финалето на ЕХФ шампионатот (У20) што се игра во Скопје. Во утрешното финале против Белорусија, македонските младинци ќе се борат за победа што им носи место во елитната А дивизија и учество на младинското ЕП следната година.

Македонските ракометари против Фарски Острови ја продолжија победничката серија на овој шампионат иако до триумфот дојдоа со многу мака и беа далеку од улогата на фаворити во овој дуел. Фараните успешно држеа чекор во поголем дел од натпреварот и на моменти имаа минимална предност.

По првите дваесетина минути резултатот беше изедначен (11-11), а потоа Македонија ја презеде иницијативата. Неколку успешни одбрани на голманот Матеј Петковски внесоа дополнителна сигурност во играта. Ракометарите од Фарски Острови направија неколку грешки во нападот, а Македонија тоа го искористи и го презеде водството.

Противничкиот селектор се обидуваше и со седум играчи во нападот, но играта без голман не им го донесе посакуваниот резултат. Петковски одново беше сигурен на голот, а Македонија поентираше на празниот гол на противникот зголемувајќи на 13-11. Фарски Острови го искористија последниот напад и го завршија првиот дел со 13-12.

Македонската репрезентација лошо го отвори второто полувреме. Несигурната игра и серијата грешки во нападот, му оставија простор на противникот да се врати во игра. Македонија не искористи напад со играч повеќе, а Фарски Острови постогнаа гол за ново изедначување на 14-14, а потоа и за ново водство со 14-15.

Промената на голманската позиција со Кизиќ на местото на Петковски се покажа како добар потег и донесе свежина во играта на македонскиот состав. Кизиќ врза неколку одбрани во серија, а Македонија на дваесет миути пред крај дојде на +3 (18-15).

Во последната четвртина од натпреварот, македонските ракометари влегоа со четири гола предност поведувајќи со 20-16 со погодокот на Мице Шилегов од седмерец, а потоа зголемија и на +5(21-16). Но, преголемата опуштеност во македонскиот состав и упорноста на Фараните, донесе нова неизвеснот во финишот откако Фарски Острови направија серија од 4-0 и намалија на 21-20. На минимална негатива се држеа и во наредните неколку минути во кои македонските ракометари тешко доаѓаа до реализација и до шанса да се одвојат со посигурна предност. Во последниот напад, голманот на Фарски Острови врза две одбрани, гостите имаа 20 секунди за напад и успеаја да изедначат на 23-23 и на крај победникот беше решен со изведување на пенали.

На голот на Македонија беше „резервниот“ Марко Кизиќ и успеа да го одбрани вториот седмерец, а потоа Фараните не го искористија ни четвртиот удар и Дарио Петровски стави точка на мечот со конечниоте 27-25.

Во вториот полуфинален дуел, Белорусија беше поуспешна од Швајцарија со 33-27. Финалето Македонија – Белорусија се игра утре во СЦ „Борис Трајковски“ со почеток во 20 часот. Влезот е бесплатен.

Се вчитува...