Македонија се „коцкаше“, но на крајот голема победа против Унгарија

Македонската одбојкарска репрезентација стартуваше со победа во квалификациите за пласман на Европското првенство 2019 кое следната година во септември ќе се одржи во Франција, Холандија, Белгија и Словенија.

Македонија во 1. коло славеше на гостувањето против Унгарија со 2-3 (23-25, 23-25, 25-23, 25-23, 14-16) во меч во кој се „коцкаше“ по водство од 2-0 во сетови, за да на крајот во пет сета стигне до толку посакуваниот триумф.

Избраниците на Никола Матијашевиќ доминираа на мечот иако навидум низ израмнета игра против домаќините. Првите два сета ги добивме благодарение на одличниот напад преку разиграните Никола Ѓорѓиев и Александар Љафтов, но и со комплетна смиреност во финишот од сетовите кога знаевме да го неутрализираме противникот.

Во третиот сет имавме предност и од 10-6, но потоа следеше пад на нападот и Унгарците успеаја да се консолидираат и стигнат до комплетен пресврт освојувајќи го сетот со 25-23. Нешто слично и во четвртиот сет кој домашните го добија со идентичен резултат.

Во последниот, петти, сет отворивме со предност за да Унгарија до првото израмнување стигна на 10-10. Потоа во игра поен за поен, на крајот стигнавме до добивање на сетот со 16-14 за конечна победа.

Најдобар на мечот беше капитенот Никола Ѓорѓиев со 40 поени, а Љафтов мечот го заврши со 18 освоени поени.

Во вториот денешен меч од групата Украина славеше против Швајцарија убедливо со 3-0.

Македонија е пред историска шанса за остварување на сонот – пласман на ЕП на кое за првпат следната година ќе учествуваат 24 европски селекции. Одбојкарите се квалификациската група Ф со Унгарија, Украина и Швајцарија, а на ЕП ќе се пласираат првопласираните осум селекции од секоја квалификациска група, како и петте најдобри второпласирани.

Следниот натпревар за македонските одбојкари е на 18. август дома со Украина, па потоа на 22. август следи дуелот со Швајцарија. Последниот натпревар од августовскиот циклус е против Швајцарија на гостински терен на 25. август. Последните два натпревари од квалификациите ги играме против Украина на гости на 5. јануари 2019 и завршуваме дома против Унгарија на 9. јануари следната година.

Се вчитува...