Кошаркарската репрезентација на Македонија ќе биде засилена со две евролигашки имиња во наредниот период, откако двајца кошаркари кои се дел од елитното европско натпреварување добија македонски пасоши и зелено светло да почнат со настапи за нашиот национален тим.
Бекот на Валенсија, Омари Мур и крилото на Милано, Нејт Сестина, ќе бидат во комбинација при изборот на македонскиот национален тим, со тоа што речиси сигурно Мур ќе биде опцијата за ноемвриските претквалификации ако се знае дека Сестина неодамна заработи незгодна повреда поради која ќе мора да отсуствува уште извесен период.
НЕЈТ СЕСТИНА
Нејтан Мајкл Сестина, како што гласи неговото полно име, е роден на 12. мај, 1997 година, во Сент Мери во Пенсилванија.
Почетоците, оние кошаркарските, ги има во Камерон Каунти Хајл Скул во родниот град, додека својата колеџ кариера ја почнал на колеџот Бакнел (2015-2019), пред да заигра за еден од најдобрите универзитетски тимови во САД, Универзитетот Кентаки Вајлдкетс (2019-2020).
Во 2021 година, бил најблиску до НБА лигата, како играч на Лонг Ајсланд Нетс (развојниот тим на Бруклин Нетс).
Својата професионална карира во Европа, ја започнува како играч на Киев баскет во украинската Суперлига, продолжува со израелскиот клуб Хапоел Холон, по што за релативно кратко време, се решава на преселба во Турција.

Одличните игри го препорачуваат во Турк Телеком (во средината на 2022 година), а во наредната, поточно на 14.јули, 2023 година, следува потписот на кариерата, како што знае да каже, оној со турскиот гигант – Фенербахче, што е неговата „влезница“ за Евролигата!
Следната станица во неговата евролигашка кариера е Валенсија, каде ја одигра ланската сезона, и ја почна оваа. А од пред еден месец, потпиша договор со најтрофејниот италијански клуб на сите времиња – Олимпија Милано.
Со своите 204 сантиметри и 106 килограми, Нејт Сестина, кој има титула на шампион и освојувач на турскиот „Президент“ Куп, носител на круната во шпанскиот Суперкуп, успешно може да игра на двете центарски позиции, и да биде од голема помош на актуелниот играчки ростер кој го има нашата репрезентација во пресрет на новиот циклус и претквалификациските натпревари против репрезентациите на Азербејџан, Ирска и Луксембург.
ОМАРИ МУР
Омари Камау Мур е роден на 18.септември, 2000 година, во Пасадена во Калифорнија, каде и го завршил средното училиште.
Студирањето го продолжува на Сан Хозе Стејт Универзитетот, по што во 2023 година, се пријавил на НБА драфтот. Иако не бил драфтуван, 195 сантиметри високиот бек, сепак потпишува т.н. „двосмерен договор“ со екипата на Милвоки бакс. Заиграл во летната лига како играч на Бакси, и во еден претсезонски меч на тимот од Милвоки.
Добива голем број на понуди од екипи од Стариот континент. Во летото 2024 година, ја прифаќа онаа на турската Дарушафака. Во екипата од Истанбул, одиграл 30.мечеви, со висок просек од 15.7 поени, 5.3 скока, и 5.5 асистенции.

Ова лето дојде поканата од една од најдобрите екипи во АЦБ лигата – Валенсија.
Од 9.јули, 2025 година е играч на „портокаловите“ каде интересно, во изминатата сезона настапуваше и неговиот нов репрезентативен македонски колега – Нејт Сестина.
Со шпанскиот АЦБ лигаш, и негова одлична игра, оваа сезона веќе го освои шпанскиот Суперкуп. Важи за еден од водечките играчи на евролигашот во првите десетина кола од најсилното европско натпреварување.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

