Македонија со нов почеток: ЕВРО 2020 не го исклучува остварувањето на мундијалскиот сон!

ЕКИПА во Букурешт, Романија

Владимир Булатовиќ

Македонската фудбалска репрезентација со комплетно нов почеток. Мундијалски. Кој остава зад себе се од изминатиот период – настапите во Лигата на нации и пласманот на ЕВРО 2020, а фокусирајќи се сега единствено на желбата за остварување на сонот за пласман на најголемото светско репрезентативно натпреварување под капата на ФИФА – Светското првенство 2022 во Катар.

Македонија ја има убедливо најдобрата фудбалска генерација во историјата, на која сега е време да покаже дека умешно може и знае да се носи и со вистинскиот мундијалски пат. Пресметката против Романија на Националната арена во Букурешт вечерва од 20:45 часот е повеќе од добар почеток за потврда на квалитетот и можностите, согласно очекувањата на целокупната фудбалската јавност.

За тоа се свесни и селекторот Игор Ангеловски и репрезентативната соблекувална од каде повторно потенцираат дека се подготвени за успешен почеток на квалификацискиот циклус.

„Се радувам на можноста да се видам и да настапам против мои поранешни соиграчи кои ги знам долго време, ако се знае дека од 12-13 години пристигнав во Романија. Но, и покрај тоа што сме одлични пријатели, со некои од нив и како браќа, утре на терен ќе бидеме вистински противници, и нека победи подобриот. Бодот не би бил лош резултат. Романија ја носи фаворитската улога, но ние имаме свои цели и секако дека одиме на позитивен старт во новиот квалификациски циклус“ – вели Бобан Николов кој се враќа во својот фудбалски дом од каде преку Академијата на една од најголемите европски легенди, Георге Хаџи, се вивна во професионалниот фудбал.

А во професионалниот фудбал, репрезентативците се свесни дека пласманот на Европското првенство оваа година не ја исклучува желбата и императивот за остварување на мундијалскиот сон. Затоа ќе бидат неопходни бодови буквално од секој натпревар, во групата во која уште се и Германија, Исланд, Ерменија и Лихтенштајн.

Вербата е дека репрезентативниот мир не е нарушен поради „дневно-политичките размрдувања“ во македонскиот фудбал изминатиот месец. Репрезентативците ја потенцираат позитивната атмосфера како клучен момент повторно на терен да се демонстрира сиот квалитет кој не донесе претходно и до пласманот на Европското првенство. Сега, истата е неопходна и на патот до Катар!

Се вчитува...