Македонската кошаркарска репрезентација утре ќе ги заврши претквалификациите за ЕП 2029 на гостински терен против Луксембург, меч за кој селекторот Берокал направи три замени во однос на претходниот дуел со Ирска. Поточно, тројца кошаркари кои настапуваа против Ирска нема да бидат дел од утрешниот меч, на нивно место има само едно ново име, па Македонија ќе настапи со само десет кошаркари во ростерот.
На позицијата натурализиран кошаркар, на местото на Ди-Џеј Стјуард, во ростерот за гостувањето во Луксембург е Нејт Сестина. По успешно одработениот најголем дел од подготовките со националниот тим, Сестина е подготвен за својот прв официјален настап во македонскиот дрес.
Во комбинација за настап нема да бидат Андреј Јакимовски и Марко Луканоски. Јакимовски, со согласност на стручниот штаб, доби дозвола да го напушти националниот тим поради претходно преземени приватни обврски поврзани со неговата преселба во Италија.
Од друга страна, Марко Луканоски ќе им се приклучи на подготовките на репрезентацијата „Под 20“ години, која ги привршува подготовките за настапот на Европското првенство од Дивизијата „Б“ во Братислава. Проценката на стручниот штаб е дека неговото присуство ќе биде од особено значење за младинската селекција во пресрет на континенталниот шампионат.
Македонија ќе го одигра последниот натпревар од првата фаза од претквалификациите со десет кошаркари во ростерот, со желба да ја забележи и шестата победа во циклусот и со максимален ефект да го заокружи успешниот настап во групата „А“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
