Македонија со шест спортисти на младинските Олимписки игри во Буенос Аирес

Шест спортисти од Македонија ќе учествуваат на третите младински Олимписки игри, кои од 6. до 18. октомври ќе се одржат во Буенос Аирес, Аргентина. Македонската експедиција е составена најмногу од спортисти во боречките спортови. Во карате ќе не претставува Фахид Весели, Драган Велинов (борење), Хамза Хашари (џудо), Миа Крстевска (пливање 100 и 200 метри грбно), Берат Мустафа (атлетика 400 метри) и Ана Марија Георгиевска во (таеквондо). Тројца спортисти на Игрите заминуваат со обезбедена А-норма, додека тројца се со вајлд-карти.

Знаменосец на церемонијата на отворањето ќе биде таеквондистката Ана Марија Гепргиевска, која има и најзначаен резултат од сите натпреварувачи, трето место на Светско првенство. Таа се надева дека може да стигне и до медал.

„Одам во Буенос Аирес да освојам медал. Чест ми е што ќе настапувам на овие Игри и ќе го носам македонското знаме“, изјави Георгиевска.

Македонската експедиција ќе биде предводена од Владимир Богоевски, спортскиот директор на Македонскиот Олимписки Комитет.

Се вчитува...