Македонската кикбокс репрезентација со освоени три медали го заврши настапот на Светското првенство 2026 во Абу Даби, ОАЕ, што претставува одличен успех на подмладениот национален тим кој означува нова страница во историјата на македонскиот кикбокс.
Стефан Михајловски се закити со сребрен медал на шампионатот, а Силвио Мировски и Бобан Илиоски освоија бронзени одликувања.
И претседателот на Кикбокс маитаи федерацијата на Македонија, Дејан Митровски – Урко е задоволен од успехот на националниот тим, во освртот по крајот на Светското првенство нагласувајќи дека ова е млада генерација која уште на првото свое големо натпреварување покажа дека претставува иднина на која може да се верува.

„Јас како претседател на КМФМ може да кажам дека само за малку останавме и без златни медали до кои бевме навистина блиску. Но, среќен сум и екстремно задоволен од сите наши учесници, притоа со напомена дека допрва доаѓа нова ера на победи на меѓународно поле за македонскиот кикбоксот затоа што повеќето наши учесници за првпат учествуваат на вакво првенство од највисок ранг во сениорска конкуренција. До минатата година беа јуниори, а сега одлично се покажаа и се носеа со многу многу повозрасни и поискусни борци од останатите земји. Затоа ова е огромен успех за нив, толку млади а толку високо да котираат кон постари и поискусни борци. Досега, нашите борци за да стигнат до овој степен требало да минат години и години сениорски настапи, за да го стекнат неопходното искуство и да дојдат до резултат за разлика од овие млади генерации кои на самиот почеток се жив оган и голема надеж за македонскиот кикбокс. Исклучително сакам да ги поздравам и им се заблагодарам на сите оние кои ни помогнаа на секаков начин да бидеме дел од ова светско првенство и го постигнеме овој резултат“ – ни изјави Митровски како заокружување на настапот на македонската кикбокс репрезентација на Светското првенство во Абу Даби.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА






