Сениорската репрезентација на Македонија беше поразена со преубедливи 97-68 на денешниот контролен меч со Бугарија што „црвено-жолтите“ го одиграа во Самоков.
Селекторот Берокал имаше крајно лимитиран ростер, ако се знае дека во тимот ги немавме Јакимовски, Димитријевиќ, а во последен момент отпадна и капитенот Војдан Стојановски, кај Бугарите недостигаше нивниот најдобар играш Саша Везенков, но домашниот состав сепак издоминира во текот на целиот натпревар и заслужено стигна до победата.
Бугарија подобро го отвори дуелот во „Сам Елион“ Арената и по првите десет минути стигна до предност од осум поени (28:20). Во продолжението, домашната селекција ја зголемуваше разликата, а проблемите на Македонија во нападот резултираа со поголем минус на полувремето – 50:27.
По паузата, сликата на теренот не се промени значително. Македонија се обиде да најде ритам во играта, но тешко доаѓаше до реализација. Во третиот период, нашата селекција постигна 16 поени, додека Бугарија одговори со 25 и пред последната четвртина имаше водство од 75:43.
Во завршниот период домаќинот рутински ја задржа предноста и стигна до конечна победа од (97:68) во првата контролна проверка за двете селекции.
Виктор Ефремовски реализираше 13 поени за нашата селекција (имаше и три асистенции и два скока). А двоен број на реализации запиша уште Виктор Ташовски, постигна 12 дополнети со по три асистенции и исто толку скокови. Девет поени постигна Тома Стојаноски , а еден поен помалку имаше Лука Стојановски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
