Македонија ужива во одбојкарската елита, почнува ЕП 2019 во Љубљана

ЕКИПА во Љубљана,

Катерина Павлова Николовска, Никола Ѓуровски

Ракометарите и кошаркaрите добиваат друштво. Во историјата на македонскиот спорт од денеска влегуваат одбојкарите кои го впишуваат првиот настап на Европско првенство.

Одбојкарската репрезентација со години се бореше и со противниците и со проблемите. Неколку генерации не успеаја да ги минат бариерите и да станат дел од континенталната елита. Затоа генерацијата која ја предводи Никола Ѓоргиев го оствари сонот на одбојкарска Македонија.

Неизвесност, борба, среќа, имаше се во квалификациите за место на Европското првенство што почнува денеска. „Среќата ги следи храбрите“, изреката која одамна влегува во категоријата клише, сепак е единствениот и наједноставниот начин да се објасни она што им се случуваше на одбојкарите во квалификацискиот циклус.

Солзите на капитенот Ѓоргиев во јануари ја кренаа нацијата на нозе.

Еуфоријата полека ја заменија со тешка работа, два месеци подготовки, контроли и конечно воведниот настап.

Имињата на 14 одбојкари засекогаш ќе бидат запишани во историјата. Првиот македонски состав кој учествувал на Европско првенство.

Шампионатот на кој прелиминарниот сегмент го играат во Љубљана за најдобрите македонски одбојкари е предизвик на кој треба да покажат дека учеството не е врвен дострел. Дека се кадарни да се борат за повеќе, дека можат повеќе и дека местото им е меѓу најдобрите на континентот.

Се вчитува...