Македонија во Даблин по втора победа во претквалификациите

После триумфот над Азербејџан во Скопје, најдобрата машка кошаркарска репрезентација денеска од 18:00 часот го игра вториот меч во претквалфиикациите за пласман на Светското првенство против селекцијата на Ирска.

Македонските кошаркари важат за фаворити од овој меч, и сакаат да дојдат до вториот триумф во групата. Селекцијата на Република Ирска пред неколку дена беше поразена од Луксембург, и се освен триумф на Македонија денеска ќе биде еднакво на сензација.

Сепак, од таборот на нашиот национален тим напоменуваат дека нема да го потценат противникот, и очекуваат борба на секој дел од теренот, и на крајот сето тоа да биде „зачинето“ со втор триумф.

„Моите очекувања се да играме исто како летоска и да се надоградиме. Дури и тогаш, кога загубивме неколку меча, се боревме и се држевме со ривалите, растевме како тим, затоа што имавме доста млади играчи во ростерот. Победивме во нашиот последен домашен меч, сега на почетокот на овој циклус, победивме уште еден, исто така на домашен терен, па сакаме да продолжиме со таа низа и пак да победиме. Се наоѓаме во процес на изградба, се уште го бараме оној перфектен ритам, имаме и некои други играчи, некои повратници, па се надевам дека низ овие натпревари ќе го продолжиме процесот. Никого не го преценуваме, никого не го потценуваме“, рече македонскиот репрезентативец Џекоб Вајли, кој вечерва ќе ја добие шансата да игра.

ФОТО: fiba.basketball

„Секој кој е дојден да игра во овие претквалификации е дојден да игра за државата за која го брани дресот и за тимот, па знам дека и Ирска ќе игра за својата гордост. Не смее никого да го сфатиме како лесна задача, туку мора да се бориме. Имаме квалитет и искуство за тоа прво место за следната фаза, но како што кажав, сакам да видам борба и мора сите да го направиме тоа заедно“- дополнува Вајли.

Се вчитува...