Македонија во операција за прво освојување на Исланд!

Македонската репрезентација денеска од 18 часот го игра петтиот натпревар од квалификациите за СП 2022. Ново тешко гостување за избраниците на Благоја Милевски, по оние во Романија и во Германија, сега во Рејкјавик против Исланд во желбата за нови бодови во трката за водечките позиции во Групата Ј.

Јасно е дека ќе треба максимално издание на терен за да се дојде до посакуваните бодови. Македонија во досегашните два меѓусебни натпревари нема триумф на гостувањето против Исланд во квалификациите за ЕП. Реми (1-1) од 1996 година и пораз (1-0) од 2008 година. Денеска националниот тим во прв обид за освојување на островот!

„Ерменија останува зад нас, жалам за пропуштените два бода, но направивме се што беше во нашите можности. Ни недостасуваше завршница и реализација. Се надевам сега тоа ќе го подобриме. Наше е да одиме да одиграме најдобро што знаеме, да одиме на победа. Нè очекува тежок и неизвесен натпревар. Исланд е квалитетна екипа. Според она што го видовме на дуелот со Романија не заслужија пораз. Треба да бидеме на нашето најдобро ниво ако сакаме позитивен резултат. Исланѓаните сакаат да играат фудбал, да го имаат поседот во свои нозе. Тоа е различно од она што сме го гледале во минатото. Имаат друга филозофија. Сакаат топка во своите нозе. Меѓутоа тоа ќе зависи од нас и од нашиот пристап. Детали и индивидуални потези ќе го одлучат натпревар“ – вели селекторот Милевски, притоа дополнувајќи:

„Овој тим е во фаза на трансформација, освежен со фудбалери кои имаа помал стаж во селекцијата, а кој со игрите за клубовите и младата репрезентација заслужија да се тука. Не чувствувам јас никаков притисок, ниту фудбалерите чувствуваат некаков притисок од јавноста. За нас, секој следен меч е најважен, така и овој со Исланд. Наше е до крај да останеме во трка за тоа второ место“.

Еднакво е размислувањето и на еден од најдобрите македонски фудбалери, Енис Барди…

„Треба да се концентрираме на нас. Она што ќе се договориме пред меч да го покажеме на терен. Исланд е силен, но многу работи ќе зависат од нас. Мора да бидеме фокусирани, да имаме желба, што не се сомневам дека ќе биде така. Треба да ја играме нашата игра и да одиме на победа“.

КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2022 – ГРУПА Ј

Исланд – МАКЕДОНИЈА (18 ч.)

Германија – Ерменија (20:45 ч.)

Романија – Лихтенштајн (20:45 ч.)

Се вчитува...