„Македонскиот дијамант“ уште помотивиран пред дуелот со Украина: Скаути од Дортмунд дојдени во Букурешт да го гледаат Елмас

Скаути од германскиот фудбалски гигант Борусија Дортмунд, се дојдени во Букурешт со цел уште еднаш да ги видат квалитетите на „македонскиот дијамант“ Елиф Елмас во обид да го ангажираат од италијански Наполи уште летово.

Веќе е познато дека тимот од Дортмунд заедно со португалска Бенфика и англиски Лидс се заинтересирани за Елмас, но зимскиот обид да го купат или да го земат на заем со задолжителен откуп не им успеа, иако како што објавуваа медиуми од Неапол, на маса била понудена сума од 25 милиони евра.

Сега, како што објавува „Атлетик“, лицата кои се испратени на „специјална задача“ од Дортмунд вчера го гледале со многу внимание Елмас, а ќе го гледаат и во четврток против Украина, со цел веројатно за последен пат да ги регистрираат квалитетите, а посебно настапот на едно Европско првенство и како македонскиот фудбалер се носи со огромниот притисок.

Дортмунд веќе со години гради клупска стратегија да купува млади ѕвезди а потоа уште поскапо да ги продава, а последни во низа се норвешкото чудо од дете Ерлинг Браут Халанд и англискиот огромен потенцијал Џад Белингам, додека Џејдон Санчо е пред продажба од која „милионерите“ очекуваат вистинско богатство.

Елмас дојде во Наполи во 2019 година за 16 милиони евра плус бонуси од Фенербахче, но не беше во преден план, па иако сезонава има 33 настапи за наполитанците, дури 30 му беа како резерва и вкупно има одиграно 713 минути.

Се вчитува...