По бодови за ЕП: Грција не е на ниво на Македонија!

ЕКИПА во Кожани,

Билјана Б.Петрушева, Стеван Цаневски

ФОТО: Роберт Спасовски

Се освен убедлива победа за Македонија на денешната пресметка со Грција во Кожани (16 ч.) би било големо изненадување во второто коло од квалификациите за ракометното ЕП 2020. Македонските ракометари стартуваа во квалификациите со победа над Турција во Битола (31-27), а Грците претрпеа тежок пораз на гостувањето кај Исланд (35-21).

Натпреварот со Грција е шанса за избраниците на селекторот Раул Гонзалес да ги исправат грешките што ги имаа непланирано многу во претходниот дуел со Турција и со триумф да ја потврдат фаворитската улога. Во однос на дуелот со Турција, на денешниот натпревар со Грција во составот на македонската репрезентација има измена на голманската позиција на која наместо Борко Ристовски и Мартин Томовски сега ќе бидат Никола Митревски и Златко Даскаловски.

„Мора да поправиме некои работи во играта ако сакаме да имаме шанса да направиме резултат. Ќе настојуваме да бидеме подобри. Сега сме фокусирани само на натпреварот со Грција, а после ќе мислиме за понатаму“ – потенцираше Раул Гонзалес.

Македонија е редовен учесник на сите Европски првнства од 2012 година досега и од ракометарите се очекува да го задржат тој континуитет и на наредното ЕП 2020 , а денешниот натпревар со Грција ќе биде вториот чекор кон остварувањето на таа цел. За разлика од Македонија која во последните десет години е редовен учесник на големите натпреварувања, репрезентацијата на Грција се уште го чека својот прв настап на европските шампионати. Во грчкиот табор потенцираат дека ги чека “тежок натпревар против една од големите сили во овој спорт“, но се надеваат дека ќе одиграат многу подобро отколку на првиот дуел со Исланд на кој претрпеа тежок пораз.

 

Македонија и Грција досега имаат одиграно четири меѓусебни дуели во квалификациските циклуси и во сите четири победници биле македонските ракометари. Првите две пресметки беа пред 18 години во квалификациите за СП 2011, а последните две пред четири години во баражот за СП 2015 кога Македонија во Атина славеше со 25-27, а потоа во Скопје со убедливи 35-23.

Поради актуелата политичка состојба, денешниот соседски квалификациски дуел во Кожани ќе биде со посебни безбедносни мерки, нема билети во продажба и во салата во Кожани ќе присуствуваат само спортисти и спортски работници од локалните клубови, официјалните лица од двете федерации и акредитирани новинари.

Се вчитува...