МАКЕДОНЦИ НА СП – Дарко Панчев е единствениот Македонец стрелец во историјата на Мундијалите!

Додека тече Светското првенство 2026 во САД, Канада и Мексико, ЕКИПА.МК низ краток серијал ќе ве потсети на единствените четири македонски имиња кои досега во историјата биле дел од мундијалите – Благоје Видиниќ, Кирил Дојчиновски, Дарко Панчев и Вујадин Станојковиќ!

Без сомнение, дури и за актуелните наши фудбалски генерации се уште свежо е сеќавањето за последното македонско присуство на светските првенства, преку имињата на македонски фудбалери. Тоа е Мундијалот 1990 во Италија!

Најголемото име на македонскиот фудбал, Дарко Панчев заедно со Вујадин Станојковиќ беа дел од Светското првенство 1990 година во Италија кога со селекцијата на поранешна Југославија, под водство на Ивица Осим, стигнаа до 5. место.

Во генерацијата на Сафет Сушиќ, Драган Стојковиќ, Дејан Савичевиќ, Роберт Просинечки, браќата Зоран и Златко Вујовиќ, Баждаревиќ, Хаџибегиќ, Спасиќ, Вулиќ, Ивковиќ…, тогаш Југославија стигна до еден од најголемите свои успеси во историјата, петтото место, откако во осминафиналето ја совлада Шпанија по продолженијата со 2-1, а во четвртфиналето несреќно загуби од Аргентина дури по изведувањето на ударите од белата точка.

Панчев и Станојковиќ беа незаменлива алка од составот на Ивица Осим, при што нашата „Златна копачка“ нанижа и два погодоци на средбата против ОАЕ (4-1).

На тој начин, Дарко Панчев е запишан како единствениот Македонец кој успеал да се запише во листата на стрелци на светските првенства во историјата!

„Светското првенство е навистина големо натпреварување на кое е задоволство да се учествува. Тешко е да се опише тоа чувство. Посебно и кога стрелец на најголемиот светски фудбалски собир. Да бидам искрен, јас се чувствувам и како учесник на Европско првенство, со оглед на тоа што на ЕП 1992 не учествуваме само поради политички причини. Како Македонец, во тогашната селекција на Југославија, ми е гордост што засекогаш е забележано дека сум најдобар стрелец во квалификациите за ЕП 1992 со десет постигнати гола, пред тогаш одличните голгетери како Жан Пјер Папен и Марко Ван Бастен“ – коментира Дарко Панчев.

Со почетоците на нашата фудбалска независност и Панчев и Станојковиќ подоцна беа дел и од македонската репрезентација во златната генерација со Канатларовски, Најдоски, Јаневски, Савевски, браќата Бошко и Милко Ѓуровски, Митко Стојковски, Бошковски…

Се вчитува...