МАКЕДОНЦИ ВО БУНДЕСЛИГАТА: Дел од нив оставија траен белег, во моментов нема ниту еден

Низ историјата во Бундеслигата, настапувале многумина македонски играчи. Дел од нив како што се Николче Новески, Ока Николов, Александар Васоски… оставија траен белег, и беа дел од назначајните успеси на нивните клубови во поновата историја.

Едно време целата одбрана на репрезентацијата, со исклучок на Седлоски, беше составена од играчи кои играат во Бундеслигата (Митрески, Васоски, Новески). Во Бундеслигата белег остави и Саша Ќириќ кој придонесе целиот стадион во Нирнберг да биде обоен со неговото презиме.

Жално е што во моментов нема ниту еден кој настапува во Бундеслигата, иако Чурлинов почна со Штутгарт, но во меѓувреме се пресели во Цвајте, во тимот на Шалке.

Без сомнение, Николче Новески е најголемата македонска икона во германскиот фудбал. Битолчанецот од 1998 година до крајот на кариерата во 2015 година, цели 17 години беше препознатлив момент на германската фудбалска сцена, на крајот и како долгогодишен капитен на Мајнц во Бундеслигата. Новески со 256 одиграни натпревари во Бундеслигата е убедливо на врвот на листата на сите Македонци во историјата кои одиграле натпревари во ТОП 5 лигите од Европа.

Ако на некој врвен голгетер од Македонија на кого засекогаш ќе се сеќаваат Германците, тоа без сомнение е Саша Ќириќ кој на 64 натпревари за Анјтрахт Франкфурт и за Нирнберг во Бундеслигата постигна дури 26 гола. Ќириќ е и еден од најпопуларните странски фудбалери во Нирнберг, кои засекогаш добија посебно место во клубот.

Во 21. век, покрај Новески и Ќириќ, дефинитивно силна трага во Бундеслигата остави и Ока Николов со 229 настапи за Ајнтрахт Франкфурт. Николов е икона на клубот со вкупно 379 настапи и рекорд од 49 натпревари без примен гол, но и Тони Мицевски во дресовите на Ханза Рошток и Енерџи Котбус, Александар Васоски за Анјтрахт Франкфурт како и Игор Митревски за Енерџи Котбус. Во Бундеслигата во новиот век беа дел и Ферхан Хасани, Бесарт Ибраими, Ванчо Трајанов, Валмир Нафиу, но со само со неколку натпревари одиграни во најсилното германско друштво.

Првите Македонци кои биле дел од најсилната германска лига се вардаровите легенди Методија Спасовски и Ванчо Балевски. Спасовски настапуваше за Сарбрикен во една сезона, а Ванчо Балевски одигра одлична сезона за Карслруе и со два постигнати погодоци.

И македонскиот фудбалер на векот, Дарко Панчев, покрај настапите во Серија А, беше дел од Бундеслигата настапувајќи за Лајпциг и Фортуна Дизелдорф од 1993 до 1996 година, со четири запишани погодоци. Во 20. век, еден од најславните Македонци кои биле дел од Бундеслигата е Митко Стојковски. Во врвот на кариерата Стојковски од шпански Овиедо реализираше извонреден трансфер во Штутгарт, кој во 1997 година ја имаше една од најславните генерации во историјата. Дел од Штутгарт беше и Срѓан Захариевски, главно во вториот тим, не добивајќи шанса за настап во германската Бундеслига.

Се вчитува...