Максимов одново херој на Работнички, со прекрасен гол донесе триумф над Тиквеш (ВИДЕО)

Методи Максимов, новиот „дијамант“ на Работнички донесе нова победа за „романтичарите“, и одличен старт на Стојан Игнатов на клупата на „романтичарите“. Денеска тимот од „Дебар Маало“ минимално со 1-0 го совлада Тиквеш, иако кавадарчани може да жалат што не искористија многу шанси. Одличен на голот беше Бурхан Мустафа кој одбрани неколку тешки топки, и не им дозволи на противниците да погодат.

На стартот веднаш хендикеп за Работнички поради повредата на Андреј Кировски кој заврши во болница. Тоа како да делуваше „шокантно“ за одбраната на „романтичарите“, па така Тиквеш нанижа три шанси преку Спахиу и Нгоба, но Мустафа бранеше одлично.

Во 29. минута Максимов од десната страна со еден силен удар го изненади Димовски, и ја смести топката во мрежата за водство на „романтичарите“.

Во вториот дел Влатко Костов се обиде со измени да дојде до израмнување, но не успеа. Продолжи добриот настап за Мустафа, додека контранападите беа најсилното оружје на „романтичарите“ во обид да се реши победникот, но на неколкупати домашните грешеа во завршницата. Родригез имаше добра шанса во 92. минута, меѓутоа го промаши голот.

Со овој триумф, се чини, Работнички го обезбедува директниот опстанок во Лигата, додека за Тиквеш остана само надежта дека може да се избегне баражот за останување меѓу прволигашите.

Се вчитува...