Доскорешниот водечки оперативец на Италијанската фудбалска федерација, Паоло Малдини, го сумираше својот краток ангажман во организацијата и откри колку блиску бил до ангажирањето на Пеп Гвардиола.
Во опширно интервју за весникот „Кориере дела Сера“, Малдини, покрај тоа што зборуваше за првичната покана од претседателот на Федерацијата, Џовани Малаго, упатена уште пред Малаго да застане на чело на италијанскиот фудбал, конкретно се осврна и на својата задача, пронаоѓање нов селектор.
По фијаското на националниот тим, Малдини и неговиот најблизок соработник Леонардо имаа деликатна задача, да најдат докажан стручњак кој би донел моментални резултати, а изборот падна на Пеп Гвардиола.
„Тој најдобро ја олицетворува нашата визија. Преку еден пријател дознавме дека размислува за националниот тим. Го посетивме во Барселона, разговаравме цел ден и беше многу блиску до договор. Дури почна и да црта формации. Парите не беа проблем. Само рече: ‘Дајте ми едно евро помалку од претходниот селектор’ и се договоривме“, раскажа Малдини.
Сепак, шпанскиот стратег на крајот ја одби понудата.
„Причината беше замор. Доаѓаше по десет исцрпувачки години во Англија, имаше операција на грбот и сакаше да одмори. Но, разговорот беше сериозен, ги анализиравме сите аспекти. Потоа се свртевме кон Пирло“, рече Малдини.
Во разговорот, поранешниот капитен на Милан го потврди она што многу медиуми веќе го дознаа за неговите активности во тој период дека во процесот на барање селектор, стапил во контакт и со Карло Анчелоти.
„Го повикавме најдобриот италијански тренер. Тој одговори дека Бразил му ја потврдил довербата и ни посака среќа. Сметавме дека е наша должност да го повикаме“, заврши Малдини.
На крајот, сите напори на Малдини пропаднаа. Пирло не можеше да биде селектор бидејќи рекламираше руска обложувалница, со што стана неподобен за водење на италијанската репрезентација. Малдини потоа поднесе оставка поради начинот на кој Федерацијата постапи кон Пирло. Малаго на крајот се одлучи за Роберто Манчини и му го довери вториот мандат на клупата на „аѕурите“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
