Малер на Иванишевиќ, Јане Цветковски пред деби во Бундес-лигата

Македонскиот голман Јане Цветковски се наоѓа пред деби во Бундес-лигата откако голманот на Вецлар, Тибор Иванишевиќ, заработи сериозна повреда поради која ќе мора подолго време да отсуствува од терените. Цветковски пристигна летово како трет голман во тимот на Филип Миркуловски, сезонава почнувајќи ја во У23-тимот на Вецлар и чекајќи ја својата шанса.

Таа дојде по несреќната околност за Иванишевиќ, кој по повредата на десното колено заработена на последниот меч со Штутгарт ќе паузира најмалку два и пол месеци.

„Повредата на Тибор е сериозен удар за сите нас, во шок сме по резултатите од деталните лекарски прегледи. Сепак, тука сме за него за да го преброди ова големо разочарување“ – изјави директорот на Вецлар, Бјорн Сајп.

Тил Климпке ќе ја има улогата  на прв голман на следниот меч со Мелсунген, на кој во составот ќе биде и Цветковски, со можност Македонецот веќе в четврток да го има своето бундеслигашко деби.

Се вчитува...