Струга ТЛ попладнево ќе го пречека Вардар во дербито на третото коло на ПМФЛ, меч на кој поранешниот првак ќе се обиде да ја продлабочи кризата на актуелниот шампион.
Стружани имаат четири бода по првите две рунди (победа над Шкендија Арачиново, реми со Скопје), но нема сомнеж дека дербито со најтрофејниот клуб во Македонија е мотив плус за сите во таборот на Струга ТЛ.
„Се надевам дека ќе биде квалитетен, интересен меч, вистинско дерби полно со возбудувања. Секако, ние се подготвуваме за овој дуел цела недела, детално го анализиравме противникот и ќе бидеме максимално подготвени. Ќе дадеме се од себе за бодовите да останат во Струга, верувам дека ќе се покажеме во најдобро светло пред нашите верни навивачи“, вели Христијан Малески, напаѓачот на стружани.
Тој досега има одиграно шест натпревари против скопските црвено-црни, при што има само еден гол и ниту еднаш се нема израдувано на триумф над Вардар во кариерата.
„Да се игра против Вардар секогаш е мотив. Ако дадам гол, тоа секако ќе биде награда за трудот што го вложувам секојдневно, како на тренинзите така и на натпреварите“, истакна Малески.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
