Мали се шансите дека Барди ќе игра против Австрија во Букурешт

Крајно мали се шансите дека еден од најдобрите македонски фудбалери Енис Барди ќе може да биде на располагање на стручниот штаб за првиот натпревар на Македонија на ЕВРО 2020 против Австрија на 13. јуни во Букурешт.

Барди вчера имаше повторно позитивен тест, па продолжува со индивидуалните тренинзи во очекување на негативен тест на почетокот од следната недела.

„Барди не е сигурен и до последен момент не знаеме дали ќе игра. Тој нема симптоми и тренира индивидуално. Мали се шансите дека ќе настапи на првиот меч на ЕП против Австрија. Но, верувам дека на следните ќе настапи во топ форма“ – истакна селекторот Ангеловски, притоа дополнувајќи дека тој веднаш би го искористил Барди и на ЕП штом се приклучи на тимот.

„Не постои тренер кој не би го искористил Барди во тимот па дури и без ниту еден тренинг. Секако дека веднаш штом ни биде на располагање ќе игра“.

Останува надежта следната недела Барди да има два негативни теста, па и дополнително да патува за Букурешт и да биде во комбинација за настап против Австрија. Репрезентација во Букурешт патува на 8. јуни.

Се вчитува...