Малинко: Не застануваме, одиме по пехарот!

Тренерот на Фени индустри, Љупчо Малинков, не го криеше воодушевувањето по одличната игра на неговиот тим и фантастичната победа над МЗТ Скопје во полуфиналето. Честитајќи им на своите играчи на големиот триумф, тој изрази оптимизам дека Фени индустри има сила за уште една одлична партија со која овој тим би стигнал и до пехарот во Купот на Македонија.

„Честитки до моите играчи кои одиграа 40 минути максимално борбено против екипата што според мене е најдобра во Македонија. Тука не застануваме, утре не чека финалето против Карпош соколи. Верувам дека ако одиграме вака, квалитетно и пожртвувано, можеме да стигнеме и до пехарот. Лошо го отворивме ова полуфинале, но покажавме карактер и успеавме да се вратиме. Не престанавме да веруваме дека можеме да победиме, на крајот таа верба ни донесе успех. Утрешното финале ќе биде трет во три дена за нас, но ние физички сме добро подготвени и можеме да издржиме и трет натпревар во висок ритам“ – изјави Малинков.

Се вчитува...