„Малите тајни“ на хероите: Николов по песната, Шишко по шегата, Кире и Марјан по шемата!

Почеток на Европско првенство за млади фудбалери. И Македонија, за првпат во историјата, дел од него! Како да ви ги претставиме момците кои го донесоа најголемиот успех во нашата фудбалска историја!? Ако е до нивната фудбалска биографија, до нивниот квалитет на терен, и она што може да го видиме од трибините, сега веќе повеќе од доволно се препознатливи за поголемиот дел од домашната спортска јавност…

Но, кои се од другата страна на камерите? Кои се кога ќе се изгаснат светлата на стадионите? „Само мал дел од тајните на големите мајстори“ – онака симпатично, секако низ духовита нишка во разговорот, за ЕКИПА открива капитенот Бобан Николов.

Кој е најмузикалниот, кој е по шегата, а кој не…, кој е по шемата, а кој не…, кој е по модата, а кој по разонодата… Бобан Николов не крие. Иако, најпрво сите во репрезентацијата се едногласни дека кога е во прашање музиката, песната и забавата тогаш му нема рамен на фудбалерот од средниот ред на Вардар.

„Да, добро не да се фалам, ама ете си знаат… Кога е музиката во прашање, песната и забавата тука јас ја преземам работата во свои раце. Но, што да правам кога сум најмузикален“ – вели од старт низ смеа Николов.

Но, кога е во прашање шегата, кога е потребно мало опуштање…

„Е, тука за шегата, за духовите досетки, за ‘заврзлами’, број еден е Шишко (Дамјан Шишковски, н.з)… Не можеш а да не се смееш кога ќе одлепи нешто, а веднаш тука до него е Цујо (Даниел Аврамовски, н.з). Двајцата се одлична двојка“.

Шишковски и Аврамовски

На оваа двојка, секогаш расположен да се приклучи од друга страна е и Енис Барди…

„Да, Енис и тоа како знае да биде духовит и да се надополни. Но, Енис е и добар готвач. Тоа Ангелов, бидејќи се заедно во Унгарија, многу добро го знае“ – дополнува Николов.

Фудбалерите, пак, сосема јасно и тоа како се препознатливи како „општествена групација“ која прва знае да си ги практикува светските модни трендови…

„По модата ни се најмногу Даре Велковски и Петар Петковски… Но, што да прават, шампиони – ‘вардарци’ мора секогаш да се скоцкани“.

u21 a (20)

А, по шемата?

„Главни скопски ‘шемаџии’ ни се Марјан Радески заедно со Кире Маркоски, а тука е и Виктор Ангелов. Само што сега Ангелов им замина во Унгарија, си има други ‘шеми’ во Будимпешта. Иако треба прво да научи добро унгарски јазик, за да може да се вклучи по шемите и таму… Без јазик, тешко… хахахаха“ – коментира Николов.

АлексовскиКој е најсериозниот во репрезентацијата?

„Игор Алексовски ни е најсериозниот. Не се впушта многу, многу во конверзација надвор од теренот. Се што кажува е на терен. Професионалец, и навистина одлична личност“.

Македонската јавност, покрај по фудбалските квалитети го препознава Давид Бабунски и по љубовта кон филозофијата, карактер кој го пренесува преку социјалните мрежи. Знае да ви внесе од таа ‘пасија’ и на вас во репрезентацијата?

„Не, не… Сите знаеме дека Давид сака да си ги изнесува своите погледи на животот отворено во јавност. И тоа го прави навистина интересно и успешно. Но, во репрезентацијата ништо не внесува од тоа. Тука со нас, сакал – несакал, мора да се прилагоди на нашата филозофија“ – вели Николов, дополнувајќи уште еднаш дека најважно е што, целокупниот комплекс на различни карактери, различни погледи, различни интереси, на крајот се преточува во едно семејство.

Се вчитува...