Мама миа, Италија и даде девет гола на Ерменија

Фудбалската репрезентација на Италија оствари историски резултат совладувајќи ја Ерменија со 9-1, на затворањето на перфектниот квалификацискиот циклус, во десеттата победа од исто толку натпревари. Селекцијата на Роберто Манчини покажа неверојатен квалитет и голема ефикасност и на крајот заврши со максимални 30 бода во групата Ј.

По два гола постигнаа Имобиле и Заниоло, а мрежата на Ерменија ја тресеа и Барела, Ромањоли, Жоргињо од пенал, Орсолини и Киеза. Единствениот гол за Ерменците го постигна Бабајан.

Убедлива беше и Шпанија против Романците, победи со 5-0. Жерар Морено беше двоен стрелец, Фабијан Руиз го постигна првиот гол, Микел Ојарзбал ја затвори серијата голови, а автогол си постигна Адриан Рус.

Швајцарија очекувано славеше над Гибралтар на гости со 1-6, Шведска со 3-0 ги совлада Фарски Острови, а Грците славеа против Финска со 2-1. Манталос и Галанопулос донесоа пресврт во второто полувреме, откако Тимо Пуки ја доведе Финска во водство уште во првиот дел.

Босна и Херцеговина оствари триумф од 0-3 на гости против Лихтенштајн.

Се вчитува...